Децениски далечни рокови оптимизам и повик за државен „рамковен договор“ за ЕУ. Министерот Бујар Османи од опозицијата бара, партиите да седнат на заедничка маса, да ги засукаат ракавите и да стават потпис на документ со кој ќе дадат поддршка на европската агенда. Им порача: „Директивите на ЕУ мора да ги прифатиме, без ралика кој е на власт.“
Темата е натпартикса – на иста линија и неговата словенечка колешка, Тања Фајон. До 2030 година, Македонија може да стане полноправна членка на Унијата, но само доколку го среди политичкиот двор. Без функционално Собрание и консензус по клучните политички прашања, нема европски напредок, смета Фајон, алудирајќи на европскиот услов за уставни измени.
Датумот далечен, но уште подалечни се ставовите меѓу власта и опозицијата. Традиционално, различно ги толкуваат дури и извештаите на Европската комисија. Со последниот, Владата почувствува европски ветер во грб, а опозицијата нов камен на сопнување на европскиот пат кој, како што велат, власта си го припишува како успех. А, клучната и прва забелешка во последниот извештај на Европската комисија за Макеоднија е нефункционалноста на македонскиот парламент, во кој заглавија низа реформски закони. Во извештајот се нотира дека уште преку 50 отсто од македонското законодавство мора да се усогласи со европското, за 2030-та, иако далечна, да стане достижна година за македонските евроинтергации.