Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид се обрати на затворањето на Летната школа за партиципативно управување и граѓанско – јавно партнерство: „Liquid Frameworks, Solid Institutions — building participation from the bottom up” во организација на Кооператива – регионална платформа за култура.
„Независниот културен сектор е општествената група која се бори освен за својот примарен интерес во сферата на современите културни политики и за промени на демократските принципи на заедницата кои ќе бидат апликативни за сите, а не само за мали привилегирани групи“, порача во обраќањето претседателот Пендаровски, оценувајќи дека нема ништо поважно од поврзувањата, со јасен заеднички предзнак, каков што е ова регионално поврзување на Балканот.
„Искрено посакувам оваа платформа темелно да ја зацврсти културната соработка на Балканот и пошироко, но и да отвори нови хоризонти и перспективи во општественото ситуирање на независниот културен сектор и неговата соработка со политичките структури со различен идеолошки предзнак, што сигурно ќе помогне во креирањето на нови, подобри политики од овие кои денес ги имаме“, рече претседателот во обраќањето.
Целта на летната школа на која партиципираа учесници од 11 земји од Југоисточна Европа и Западен Балкан е да ги изгради капацитетите на граѓанските организации за креирање на иновативни модели на граѓанско – јавно партнерство, партиципативно управување, активно граѓанство и еманципаторна институционална трансформација.
Претходно, претседателот Пендаровски оствари средба со претставници на Кооператива на која беше запознаен со нивните тековни активности и современи и иновативни регионални структури за културна соработка. На средбата претседателот ги поздрави нивните заложби за подобрување на работните услови во граѓанскиот сектор во современата уметност и култура, како и проектите за развивање и јакнење на културната соработка во Југоисточна Европа.