СДСМ денеска го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, струјата од неговите хидроцентрали за производство на струја да им ја даде бесплатно на граѓаните.
„На што личи тоа Мицкоски наутро да лаже на прес конференции, а навечер да брои пари од високите фактури за струја од неговите хидроцентрали? Христијан Мицкоски е основач и сопственик на фирмата „Енерготек“ со која влегува во конзорциумот „Минка – Енерготек“. Во 2015 година од Владата на Груевски добива 33 илјади квадратни метри државно земјиште и гради хидроцентрали“ рече Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ на денешната прес-конференција.
Приложувајќи документи, Каевски рече дека Мицкоски токму во тој период во истата таа влада од која добива земјиште и концесија е советник за енергетика на неговиот шеф и ментор, тогаш премиер, Никола Груевски.
„Затоа и меѓу своите од ВМРО-ДПМНЕ го добил и прекарот Хидро Мицко. Во време на светска економска и енергетска криза, но и години претходно, Мицкоски го полнел џебот продавајќи електрична енергија од своите хидроцентрали. Ако е загрижен за струјата и стандардот на граѓаните, Мицкоски ќе ја отстапи бесплатно струјата од своите хидроцентрали за граѓаните“ потенцираше Каевски.
Денешното барање на СДСМ доаѓа по неколкудневната понуда која Мицкоски и ја даваше на Владата, а во која велеше дека има предлог за заштеда од 300 милиони евра за намалување на енергетската криза и трошоците за производство на струја и топлинска енергија.