Ученичките натпревари се важна воннаставна активност што ги надградува знаењата и вештините на младите и ја развива креативноста. Натпреварувајќи се, младите стекнуваат продлабочени познавања и искуства во одредена област, преземаат иницијатива, го јакнат натпреварувачкиот дух како цврсти основи за остварување успех на животен и на професионален план. . Го поддржуваме и поттикнуваме организирањето на ученички натпревари препознавајќи ги како активности преку кои се реализираат воспитно-образовните цели, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на отворањето на едукативната изложба на наградените истражувачки и иновативни проекти од 58. Државен натпревар на Сојузот на здруженијата на млади истражувачи.
Министерот се заблагодари на организацијата на Народна Техника, која годинава одбележува 75 години постоење, како организатор на ученичките натпревари на кои голем број средношколци на едно место ги презентираат своите истражувачки и иновативни проекти во областа на применетите и природните науки.
– Овие настани и јубилеи се потврда дека во државата постои голема и широка општествена грижа за младите, дека освен институционалната, постои и заложба на граѓанскиот сектор за откривање таленти, за развој на нивниот потенцијал и професионална ориентација, нагласи Шаќири.
Потенцирајќи дека доаѓаат подобри времиња за образованието во Северна Македонија, министерот ги посочи започнатите крупни промени, посебно во основното образование, кои се очекува да дадат ефекти за неколку години отсега и ќе бидат мерливи преку напредувањето на глобалните рангирања на образовните системи.
– Во средното образование промените веќе се ефективни. Концептот на дуално образование е проширен во најголем дел од стручните училишта и дава резултати – младите стекнуваат практично применливи знаења и вештини кои ги прават поподготвени за настап на пазарот на трудот, но и за продолжување во високото образование. Имаме добар план, но за да може тој да ги даде посакуваните резултати, неопходно е да добие широка поддршка од целото општество, рече Шаќири.
Заложбите на МОН и на Владата на Република Северна Македонија се насочени кон создавање на образовен систем што ќе ја зголемува креативноста и на иновативноста кај младите и ќе ги јакне, дигиталните и претприемачките компетенции. Наша цел е да образуваме граѓани кои со своите знаења и вештини ќе бидат подготвени за предизвиците на 21 век, информираат од МОН.