Oваа состојба на релативно ниски каматни стапки значи дека, штедачите плаќаат еден висок инфлациски данок. Ако имате заштедено 1000 денари, за една година губите 15 проценти од вредноста, тие 1000 денари после година дена ви вредат 850 денари вели професор Трајко Славески, кој е и претседател на Совет на Град Скопје во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
-Има едно размислување дека каматната стапка доколку сакате да го скршите ‘рбетот на инфлацијата, да се борите против инфлацијата, треба да биде најмалку за еден процентен поен повисока од она што се нарекува базична инфлација, а базична инфлација се добивка кога во пресметка на индексот вкупен за стапката на инфлација се изостават овие берзански сцени на храната и енергијата на кои не можете да делувате.
Оттука мислам дека оваа состојба на релативно ниски каматни стапки значи дека, иако сега се зборува за воведување на нови даноци и зголемување на даночни стапки, што најверојатно нема да се случи од 1 јануари наредната година, штедачите плаќаат еден висок инфлациски данок, објаснува Славески.
Со зголемување на каматните стапки ќе ги заштитите штедачите, но како тоа ќе влијае на бизнисот? Затоа што кога ќе им поскапат парите за позајмување тоа веројатно ќе ја стегне економијата.
Нема лесен одговор, некогаш треба да се плати цената, барем на краток рок, затоа што одржување на висока стапка на инфлација не му користи на бизнисот. Во услови на инфлација планирањето е речиси невозможно, па ако е тоа на некој начин проследено со енергетска криза, други неизвесности, висока цена на електричната енергија, така што мислам дека Централната банка треба да посвети повеќе внимание на онаа нејзина првенствена цел, значи првенствена цел на Централната банка е ценовна стабилност, и се разбира како секундарна цел ѝ е поддршка на економските политики кои водат до одржување на економската активност во земјата.
Сметате дека, да се изразам фигуративно, со „кревање на рачна“ повеќе ќе му се помогне на бизнисот?
Видете, на овој начин, со ваква монетарна политика којашто сериозно доцни, на некој начин се доаѓа во состојба на апресијација на вредноста на девизниот курс. Што сакам да кажам? Она што ние од 1997 година сè до неодамна успеавме да го одржуваме фиксниот девизен курс на денарот, нема тука мистерија се должеше на фактот што инфлацијата во Република Македонија беше скоро еднаква или во рамките на инфлација во земјите од еврозоната, нешто под два проценти. Сега имаме двојно повисока стапка на инфлација одошто од земјите од еврозоната. Па видете сега, млечните производи по килограм, месните преработки, достигнаа цени изразени во евра коишто се повисоки од тие на европските пазари, тоа треба длабоко да ја загрижи Централната банка и треба поголемо внимание да посвети во борбата против инфлацијата. Значи девизниот курс апресира, нашите стоки стануваат поскапи за странските заинтересирани купувачи, и тоа неминовно ќе влијае на проширување на јазот во платниот биланс, значи дефицит на платниот биланс, поголеми задолжувања, губење на девизни резерви итн. Моја проценка е, да имаше друг гувернер, еве да беше гувернер господинот Гошев, во моментов ќе имавме каматни стапки над 10 проценти од Централната банка, затоа што во една претходна криза во 2008-2009 година, во март 2009 каматната стапка на Централната банка достигна девет проценти.