Наместо промена од летно на зимско сметање на време, летното да остане како можност за заштеда на струја.
Ефектите треба да ги измери министерството за економија до 29/30-ти октомври кога стрелките треба да се вратат назад за еден час.
Дневната светлина нема да се зголеми, но на предложениот начин таа би се продолжила за еден час во попладневните часови, додека ноќта пак ќе земе еден час од утринската светлост по разденувањето. Како тоа ќе влијае врз потрошувачката на струја ќе треба да измери Економија.
-На денешната владина седница, задолжено е Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија, соопшти владата по денешната седница на која беше изгласан новиот пакет економски мерки за справување со кризата.
Меѓу другото, наложено е во наредниот буџет за 2023-та за по 3 милијарди денари (по околу 50 милиони евра годишно) да се намалат планираните расходи во три столба на буџетот, платите и надоместоците за вработените во државно; намалување на социјалните додатоци и субвенции и намалување на стоките и услугите. Во овој дел е препорачано поефикасно реализирање на капиталните инвестиции додека намалувањето на расходите е наречено консолидација.
–А. Консолидација на расходите за плати и надоместоци, преку намалување за 10% во однос на планираните средства за 2023-та година. Очекуван е фискален ефект (заштеда) околу 3 милијарди денари, во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи;
–Б. Консолидација на расходите за стоки и услуги и нивно намалување за 20% во однос на фискалната рамка за 2023 година, при што очекуваниот фискален ефект е околу 3 милијарди денари во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи;
–В. Консолидација на расходите за субвенции, трансфери, дотации и социјални надоместоци и нивно намалување за 20% во однос на фискалната рамка за 2023 година, при што очекуван фискален ефект е околу 3 милијарди денари, во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи, стои во соопштението на владата.