Денеска присуствував на годишната Конференција за преглед на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДЦАФ) со учество на панел дискусијата „Реформите во разузнавачкиот сектор во Северна Македонија – тековни постигнувања, останати предизвици и идни приоритети”, на која ја истакнав успешноста од направените реформи на безбедносните служби.
Реформата започна по т.н. скандал со незаконското следење на комуникациите и последователните препораки дадени од страна на Европската комисија (ЕК) преку овластената група на независни и виши експерти за владеење на правото, предводени од Прибе, а следењето на комуникациите, правосудните и обвинителските органи и надворешните надзорни тела тогаш беа дефинирани како три главни подрачја во кои најмногу се потребни итни интервенции.
Во насока на операционализација на наведените приоритети, Владата на Република Северна Македонија ја постави реформата на безбедносно-разузнавачките служби високо на агендата во Реформскиот план, а со цел создавање реформирана, професионална, независна и отчетна институција, која ќе постапува согласно нови строго пропишани законски норми, во согласност со високи етички и професионални стандарди, а во насока на исполнување на препораките на Прибе.
Реформскиот пакет во сферата на следење на комуникациите, всушност, содржи два нови закона – Законот за следење на комуникациите и Законот за Оперативно-техничка агенција. Со цел усогласување со некои одредби од овие закони, во истиот период беа усвоени измени и дополнувања на сите други релевантни законски решенија, како што се Законот за електронските комуникации, Законот за кривичната постапка, како и дополнување на Законот за класифицирани информации. Нешто подоцна, беше донесен и Закон за Агенција за национална безбедност, како и Закон за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со што се заокружи законската рамка за спроведување на реформите.