Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска се сретна со заменикот шеф на мисија во американската амбасада, Ерик Мејер и со новопоставеното аташе во Северна Македонија, полковникот Мајкл Тарквинто.
На средбата стана збор за одличната одбранбена соработка помеѓу САД и Северна Македонија, стратешки партнери и сојузници во Алијансата. Петровска се заблагодари за одлуката за поддршка на развојот на Армијата со 78 милиони долари.
„Сојузничката поддршка со 78 милиони долари значително ќе помогне во развојот на капацитетите на Армијата, во нејзината модернизација и опремување, како и во развојот на сајбер одбраната. Заеднички го менуваме ликот на Армијата и ја зацврстуваме колективната безбедност и одбрана и за тоа сме исклучително благодарни“, рече министерката на средбата.
Заменикот Шеф на мисија Мејер и полковникот Тарквинто порачаа дека САД остануваат посветени на соработката со Северна Македонија, која е посветен сојузник во Алијансата и активно придонесува кон безбедноста на евроатлантската област.