Почитувани,
Во периодот од 3 до 17 август 2022 година до Уставниот суд се поднесени пет иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и по нив се оформени предмети кои се предадени на работа на советници на Судот и судии.
У.бр.75/2022
Подносител: Димитрија Атанасовски
Oспорени: Членовите 6, 9, 16 и 22 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/11, 53/11, 84/12, 188/13, 154/15, 23/160 и 151/21)
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со начинот на кој се определени стапките на пресметување на данок во членот 6 во износи од 0,10% до 0,20%, граѓаните се нееднакви пред Уставот, односно за ист имот или за иста вредност едни граѓани од едно населено место ќе плаќаат данок по стапка од 0,10% а други по стапка од 0,20%. Во некои случаи имотите се оддалечени од една до друга општина и се на само стотина метри, наведува подносителот. Меѓудругото во иницијативата е наведено дека според членот 16 од Законот за данок на имот се предвидува стапките на наследство и подарок да се определуваат за прв наследен ред од 2% до 3% и за трет наследен ред по стапка од 4% до 5%. Подносителот смета дека сите оспорени одредби се во спротивност со членот 8 став 1 и членот 9 став 2 од Уставот, кој ги опфаќа темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија и еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
У.бр.76/2022
Подносител: Димитрија Атанасовски
Оспорен: Одлука на Советот на општина Охрид број 07-3165 од 29.12.2008
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорената Одлука е во спротивност со Законот за даноците на имотот, владеењето на правото и се повикува на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Во иницијативата се наведува дека Советот на општина Охрид не може да пропишува нови даноци и повисоки стапки од тие коишто се определени со законот и според подносителот неуставно е данокот на имот да се зголемува за три до пет пати затоа што на тој начин се дискриминираат граѓаните. Имено, подносителот ова го поткрепува со пример дека нема критериуми со кои се определува кога се зголемува за три, четири или пет пати висината на данокот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство.
У.бр.77/2022
Подносител: Синдикат на полиција во Македонија
Оспорен: членот 5 од Колективниот договор на МВР објавен во „Службен весник на Република Македонија бр.149 од 05.07.2021 година”
Од наводите во иницијативата:
Во оспорената одредба пишува дека „Синдикатот во смисла на овој колективен договор е Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат(МПС) претставуван од претседателот на МПС и неговите овластени претставници”. Подносителот смета дека со наведеното во одредбата под терминот „Синдикат” се подразбира само „Македонскиот полициски синдикат”, односно никаков друг синдикат и ова го наведува како спротивно на Уставот и членот 37 кој предвидува дека граѓаните имаат право да основаат свои синдикати.
У.бр.78/2022
Подносител: Синдикат на полиција на Македонија
Oспорен: членот 219 став 2 кој гласи: „Прекинот на постапката во случаите од ставот 1 алинеи 1 и 2 на овој член може да трае најдолго една година”
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека роковите за утврдување на дисциплинска одговорност се релативно кратки и не може да се пролонгираат. Конкретно е наведено дека решението за изрекување на дисциплинска мерка министерот го донесува во рок од шест месеци од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина и најдоцна во рок од 12 месеци од денот кога е сторена повредата.
У.бр.79/2022
Подносител: Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и законски застапник Павле Беловски преку адвокатот Горан Андревски
Оспорен: Член 10 од Законот за изменување и дополнување на законот за вработени во јавен сектор („Службен весник на Република Македонија бр.199/14”)
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека со оспорениот член се овозможува повратно дејство со кое на конкретно лице му е направена значителна штета, повредени му се слободите и правата и е ставен во понеповолна положба пред Уставот и законите, бидејќи членот 10 предвидува изземање на вработените кои ќе остварат право на пензија во рок од 10 години од денот на отпочнување на примена на законот. Ова според подносителот е противправна категоризација на вработените со ист статус и иста правна состојба да можат подеднакво да ги остваруваат стекнатите права од работен однос. Подносителот наведува дека вработените на кои им се укинуваат правата според оспорениот закон, веќе се стекнале со права и обврски од работен однос според условите и правилата кои биле предвидени со тогашните закони. Според тогаш бараните законски услови, вработените веќе биле подложени на вреднување по однос на стручни и работни компетенции и квалификации за стекнување на конкретното работно место и звање во хиерархијата на работни места. Во иницијативата се наведува дека со вака оспорената одредба се создава правна ситуација од можно губење на стекнато право од работен однос. Подносителот смета дека оспорената одредба е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот кој предидува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок кога е поволно за граѓаните.