Победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори покажуваат резултатите од најновата анкета на ИПСОС спроведена за потребите на опозициската партија, соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите.
-Својот глас на следните избори за ВМРО-ДПМНЕ би го дале 19 проценти од анкетираните, додека 9 проценти би гласале за СДСМ, рече тој.
Левица на анкетата има 5 проценти од гласовите. За ДУИ би гласале 6 отсто од анкетираните, додека два за Алијанса и по еден процент за Алтернатива, БЕСА и ДПА.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има највисок рејтинг меѓу политичарите според резултатите од анкетата.
Прашани да ја оценат работата на политичарите со оценка од 1 до 10, најголем дел од анкетираните висока оценка дале за Мицкоски.
Неговата работа е оценета со 7, додека премиерот Димитар Ковачевски од граѓаните добил оцена 4. Со тројка е оценета работата на Димитар Апасиев и Али Ахмети.
Анкетата била спроведена од 2 до 21 септември на 1025 испитаници.
СДСМ со реакција:
Сите нарачани анкети на ВМРО-ДПМНЕ пропаднаа на вонредните избори каде Мицкоски убедливо загуби
Секогаш кога Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се фатени со рацете во медот и скандали, се обидуваат да го дефокусираат вниманието на јавноста.
Предвремените локални избори кои се одржаа пред само еден месец ги потошија сите нарачани анкети.
ВМРО-ДПМНЕ загуби во Маврово и Ростуше и Центар Жупа, а значителен пад имаше на изборите за советници во општина Тетово.
Сите нарачани анкети на ВМРО-ДПМНЕ пропаднаа на вонредните избори каде што Мицкоски загуби.
Ништо не може да ја дефокусира јавноста од тоа што ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија и од фактот што нивни партиски функционери беа фатени со рацете во медот во тендерот вреден 136 милиони евра наменет за пречистителна станица во Скопје.