Експертите за недвижности за порталот Нова.рс велат дека се уште е рано да се даваат проценки, неофицијално се информирани за голем број руски државјани кои од средата доаѓаат во Србија, а сопствениците на приватни имоти веќе забележуваат разлика.
Од почетокот на војната во Украина, руските граѓани масовно почнаа да доаѓаат во Белград. Нивната многу подобра платежна моќ од просечниот граѓанин на Србија предизвика „земјотрес“ на пазарот на недвижности: скокнаа цените на киријата, но и за квадрат за купување стан. Нов проблем може да се појави по последната одлука на Владимир Путин за делумна мобилизација на населението, пишува порталот Нова.рс во текстот со наслов „Руско стампедо во Белград: Станови се купуваат во кеш, на пазарот му се заканува нов земјотрес“.
Еден од менаџерите задолжени за издавање на синџир приватни станови за порталот вели дека становите се издаваат на периоди подолги од шест месеци, што според него значи дека „не сакаат толку брзо да се вратат таму“. Во зависност од големината на становите, цените се од 25 евра за ноќ за најмал до 120 евра за оној со најголема квадратура.
Тој посочува и дека во изминатите два дена патниците од Русија пристигнуваат претежно со ноќни летови и многу доцна пристигнуваат во становите.
Друг сопственик на агенција за недвижнини, пак, вели дека напливот на руски граѓани не престанува од март. Нова.рс прави споредба на цените за изнајмување станови пред и по првото „големо доаѓање“ на Русите. Така, според оваа компаративна анализа, оние станови кои претходно се изнајмувале за 300-400 евра, сега достигнуваат цена од 450-500 евра, додека оние кои чинеле 700-800 евра месечно, сега чинат 1 000 евра.