Најстабилна и најсигурна е енергијата од домашните капацитети и затоа Северна Македонија мора да продолжи со целосна имплементација на Националната стратегија за енергетика. Така ќе продолжиме со создавање поволни услови за привлекување домашни и странски инвестиции во енергетиката – ова денес го порачав пред студентите на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово каде што на нивна покана одржав предавање на темата „Енергетиката и инфлацијата“.
Имаме сонце за фотоволтаици, имаме места со поволни ветрови за ветерни електрани, имаме можност со интерконекторот со Грција да имаме диверзификација на изворите за природен гас за да не зависиме само од Гаспром. Ќе ги имаме азербејџанскиот гас, катарскиот, американскиот гас, со потенцијал да се пренесуваат со гасовод до Косово и Србија.
Сето тоа се вредни, вековни инвестиции во енергетиката.
Со таква стратегија и со инвестиции во капацитети од обновливи извори на енергија ќе ги зајакнеме домашните капацитети за да го надоместиме дефицитот од 30% што сега го покриваме со увоз на електрична енергија.