Во месецот за свесноста за ракот на дојката во амбулантата на Здружението на пензионери во Тетово трипати неделно се вршат бесплатни прегледи. Доктор Павле Спасеноски, субспецијалист за гинеколошка и мамма радиодијагностика, кој и самиот е пензионер, сака да помогне во раното откривање на ова заболување.
Тој во изминатите неколку месеци имал 50-тина пациентки, кај повеќе од половина бил дијагностициран рак. Загрижува и фактот што се менува и стросната граница.
„Состојбата е катастрофална за оние прегледи што сум ги правел овде. Речиси над 90% што сум ги прегледувал сите биле со рак на дојка. Тоа е голем број за малигнитет, но и голем е бројот на оние кои не се пензионери, а сум ги прегледал, во далеку помлада возраст помеѓу 30, 35 до 40 години, и таа возраст во последно време е доста застапена во малигни болести“, вели доктор Спасеноски.
Редовни самопрегледи на градите и посети кај лекар за рано откривање, затоа што повеќе од 90% од заболените од карцином на дојка може да се излечат ако дијагнозата се постави во рана фаза и се лекуваат правилно.
„Треба да пипнат каква е кожата, ако е кожата како кора на портокал, без разлика дали има симптоми, тоа е алармантен знак, и втор сигурен знак е да се пипа тврда грутка“, објаснува доктор Спасеноски.
Доктор Спасеноски, вели дека е потребен сеопфатен скрининг за ракот на дојката, но и стручен кадар зашто поставувањето дијагноза не е лесно.
„Нема доволно стручни доктори од оваа област, зашто иако многумина мислат дека е лесна дијагностиката, јас тврдам и гарантирам дека е многу тешка, затоа што межу малигното и бенигноот е многу мала разликата. А немаме ниту доволна организираност, зборувам за Тетово и Гостивар, за превентивни скрининг прегледи“, додава доктор Спасеноски.
Ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жените и најчеста причина за смрт. Секоја осма жена ќе се соочи со ова заболување во текот на својот живот.