Успеавме во огромно намалување на невработеноста, во подигање на животниот стандард и во креирање на стабилност, безбедност и извесност. Со членството во ЕУ, со помошта на нашите сојузници, со помошта на САД можеме да се подобриме и да го искористиме нашиот национален потенцијал, нашето знаење и нашата енергија, порача денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на централниот митинг на СДСМ што се одржа во Скопје.
Ковачевски во своето обраќање на митингот посочи дека во својата програма гарантираат просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, како и минимална пензија од 20 илјади денари, но и просечна пензија од 30 илјади денари.За младите, како што рече, гарантираат по 200 евра месечно како поддршка за секое вработување на млад човек до 26 години, а најави и воведување на програма за субвенции и поволни цени за купување на сопствен дом за млади до 29 години. За ученици и студенти бесплатен оброк, бесплатен превоз и бесплатни едукативни екскрузии.
-Нема откажување од иднината. Македонија е европска држава. Македонија ќе биде членка на ЕУ, нашата Македонија заслужува да биде дел од европското семејство. Јасно и гласно порачуваме, нема откажување од подобар живот, нема откажување од просперитет и напредок, нема откажување од европски стандард и европски вредности. Како што доликува на посветена партија, целосно влеговме во борбата за достоинствен живот на граѓаните во решавање на големите проблеми и никогаш во ниту еден момент не се откажавме, рече Ковачевски.
Tој додаде дека ја зголемиле минималната плата за 120 проценти, просечната за 80 проценти, а пензиите за 55 проценти. Напомена дека сто милиони евра дадоа поддршка за развој на домашните компании, а со 2,6 милијарди евра антикризни мерки ги поддржаа граѓаните и стопанството.
-Кризата ја прифативме како шанса за промена на државата, и тоа промена на подобро. Сите однадвор ја видоа Македонија како стабилна, прогресивна и посакувана држава за инвестиции, рече Ковачевски.
Како што напомена, обезбедени се две ипол пати повисоки странски директни инвестиции на годишно ниво и започна енергетската трансформација на земјата.
-Знам дека во минатото правевме грешки, пред се, во соработката со дел од коалициските партнери. Знам дека дел од нив ја поминаа црвената линија и етничките прашања ги направија бизнис. Да, дел од албанските партии како и македонските, од етничките прашања направија професија, бизнис и лични кариери. Тоа не е добро и тоа мора да се промени брзо и веднаш после 8 мај. Сакам да ве замолам да ги тргнете чадорите барем на момент и да види платениот национален сервис со партиски пари колку не има овде за Европска Македонија, рече Ковачевски.
Претседателот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) Стефан Левен, денеска на митингот порача дека за социјалдемократите заштитата на демократијата е основна.
-Социјалната димензија за која се залагаме ја зајакнува демократијата, бидејќи воспоставува доверба меѓу граѓаните и избраните претставници, меѓу граѓаните и јавните институции, меѓу граѓаните и Европската Унија. Ние ја зајакнуваме демократијата, со тоа што ги зајакнуваме работниците, преку поквалитетни работни места и достоинствена плата, преку зајакнување на жените со решавање на разликите во платите меѓу мажите и жените, преку зајакнување на младите луѓе со доведување на идни можности со кои ќе се реши несигурната работа и ќе се засигура нивното претставување, рече Левен.
Тој напомена оти од ПЕС силно веруваат дека Европа може да биде посилна само ако Северна Македонија е дел од неа.
-Треба да испорачаме конкретни дејствија и активности, заедно со групата на социјалдемократите во европскиот Парламент и силно го поддржуваме пристапувањето на Севрна Македонија во Европската Унија, додаде Левен.
На митингот свои браќања имаа и кандидатот за претседател Стево Пендаровски, како и носителите и коносителите на изборните листи на СДСМ и Коалицијата.