Секоја независна граѓанска мисла ќе добие повик за заедничка соработка на локалните избори, изјави ко-претседателот на ДОМ, Александар Анѓушев во емисијата „Аргумент +“, на ТВ 24. Тој укажа дека ако нема здружување на граѓанските активисти, тогаш гласовите ќе бидат раздвоени. Во ситуација каде на кандидатите на независните листи им се наметнува висок праг за собирање потписи за настап на локалните избори, тој рече дека ДОМ безусловно ја нуди својата политичка платформа со цел обединување на независната мисла.
„Одлуката за самостоен настап на локалните избори ја донесе Централниот одбор минатиот викенд, но процесот го започнавме минатата есен, кога организиравме конференција со граѓански организации за тоа што сакаме и очекуваме од нашите советници во општините. Имаше граѓански организации со кои ја продлабочивме соработката и завршивме со потпишување на платформа, преку која една од конкретните заложби беше интересот за зачувување на заедничките вредности во однос на Охридското езеро а тоа беше лакмус-тест за тоа дали да продолжиме понатаму“, рече Анѓушев. Тој нагласи дека ДОМ се залага политиката да се практицира на поинаков начин од тоа што е воспоставено.
„Ние сакаме да бидеме механизам за тоа како понатаму да се делува во институциите, каде што е вистинската битка. Ништо не правиме ако ги кратиме основните права да се излезе и да се претставува некого. Ние како партија се бориме пред се’ за основните човекови права на маргинализираните групи“, рече Анѓушев и порача дека само ако има слобода на изразувањето можеме да одиме напред“, рече Анѓушев.