Кошаркарите на Денвер нагетс славеа против Оклахома со 113-104 по продолжение во вистински трилер натпревар одигран на домашен терен, поведувајќи со 2-1 во полуфиналната серија од плејофот на Западната конференција. Публиката во „Бол арена“ беше сведок на неверојатна драма, Денвер го избегна поразот благодарение на тројката на Арон Гордон 28 секунди пред крајот на регуларниот дел, со што се избори продолжение. Јокиќ имаше шут за победа во последната секунда, но не беше прецизен.
Во дополнителните пет минути, домаќините беа пофокусирани и убедливо ја решија битката во своја корист. Најефикасен кај Денвер беше Џамал Мареј со 27 поени и 8 асистенции, додека Никола Јокиќ одигра под своето ниво и ги промаши сите 10 обиди за тројка, додека вкупно шутираше 8/25 од поле, со дури осум изгубени топки. Сепак, српскиот центар успеа натпреварот да го заврши со импресивна статистика од 20 поени, 16 скокови и 6 асистенции.
JOKIC AND THE NUGGETS PUT UP A FIGHT AND WIN AT HOME 🔥
NUGGETS LEAD 2-1 👀 pic.twitter.com/AoGImnjRRb
— SportsCenter (@SportsCenter) May 10, 2025
Кај Оклахома се истакна Џејлен Вилијамс со 32 поени, но нивната прва ѕвезда Шеј Гилџес-Александер беше непрепознатлив и средбата ја заврши со 18 поени, 13 скокови и 7 асистенции, но со многу слаб шут од поле (7/22). Во другата серија, Кливленд Кавалирс успеа да врати еден „брејк“ на гостински терен, совладувајќи ја Индијана пејсерс со убедливи 126-104, и така го намали резултатот во серијата на 2-1. До победата ги предводеше расположениот Донован Мичел со неверојатни 43 поени и 9 скокови, а 20 поени додаде и Макс Струс. За Индијана разочараа сите стартери, а единствено светла точка беше Бенедикт Матурин, кој од клупата постигна 23 поени.