Коалицијата за заштита на децата на ден 30.01.2025 год. испрати до Министерството за образование и наука реакција и барање за измена на Концепцијата за гимназиско образование, кое во целост гласи:
После детално разгледување на новата Концепција за гимназиско образование, која датира од јануари 2025 год. и е подготвена од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, остро реагираме на обидите уште еднаш да се протне родовата идеологија во образование, овојпат од новата постава на новоизбраната власт. Посочуваме дека и покрај предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ и јавните ветувањата на министерката за образование Весна Јаневска дека поради бурната реакција на народот сосема ќе ги исфрли сите родови терминологии од образованието, во самата концепција е воведен и фигурира терминот “род”, со кој се изедначуваат полот и родот и со тоа се прави општ хаос. Ја потсетуваме министерката дека родот не е правно признат во Македонија и се коси со самиот Устав, пришто со воведување на терминот “род” во Концепцијата, всушност го погазува највисокиот правен акт на Македонија. Покрај тоа, за да се воведат такви терминологии во гимназиското образование за малолетници, Министерката треба да докаже дека во гимназиите ширум Македонија има деца кои не го прифаќаат својот биолошки пол, колку се таквите на број, зошто училишните институции во консултација со родителите не им помогнале со соодветна помош за да ја прифатат реалноста, а треба да даде и детална листа колку родови постојат и кои се тие.