Висока делегација од Република Словенија денес оствари официјална посета на Општина Крива Паланка. Делегацијата од директоратот за соработка, развој и донации во Министерството за надворешни работи и евроинтеграции на Словенија и словенечкиот Центар за меѓународна соработка и донации, се сретнаа со градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, претседателката на Советот на општината и претставници од општинската администрација.
На средбата беше истакнато значењето на добрата билатерална македонско-словенечка соработка, а градоначалникот упати благодарност за поддршката и донацијата од Центарот за меѓународна соработка и развој за проектот „Зелена енергија за јавни институции“ со кој во Крива Паланка се поставени фотоволтаици на 5 јавни институции во општината. Оваа инвестиција е влог во самоодржливост на јавните објекти преку енергетска ефикасност и користење обновливи извори на енергија, што носи заштеди во потрошувачката на електрична енергија на самите институции од околу 15-20 отсто.
Општина Крива Паланка има одлична традиција на соработка со Словенија, почесни граѓани на Крива Паланка се Самуел Жбогар, поранешен амбасадор на ЕУ во Македонија и Милан Предан, претходниот амбасадор на Словенија во нашата земја. Во соработка со Општина Врхника во 2022 година беше обезбедена донација за Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, а во 2011 година со проект од Програмата „Европа на граѓаните“ отпочната е соработка со постапка за збратимување помеѓу Крива Паланка и словенечката општина Литија.
Градоначалникот истакна и дека општината има капацитети за подготовка и реализација на проекти што би биле аплицирани за нова поддршка од Центарот за меѓународна соработка и донации, а истата би била добредојдена за општината.Делегацијата посети дел од институциите-корисници на донацијата од проектот за фотоволтаици: на зградата на локалната самоуправа, на основното училиште св.Јоаким Крчовски, зграда Партизан, ЛУ Градски музеј и Детска градинка „Детелинка“, а фотоволтаици с епоставени и на домот за ученици „Боро Менков“.Гостите на општината се запознаа и со културно-историското наследство на Крива Паланка при посетата на ЛУ Градски мзуеј, а го посетија и вековното духовно светилиште на градот, манастирот „св.Јоаким Осоговски“.