Од Општина Центар потврдуваат дека постојниот Детален урбанистички план навистина предвидува изградба на две згради од по 25 и 10 ката една до друга на овој простор, но дека одобрение за градење сѐ уште не е издадено, па дека не знаат кој ќе биде инвеститор. Огромна зграда од 100 метри височина, односно приземје и 25 ката, треба да се гради на местото каде што сега се наоѓа Европски универзитет, лоциран на улицата Свети Климент Охридски, во центарот на Скопје. За споредба со зградата на поранешната НИП „Нова Македонија“ новиот објект ќе биде 10 ката повисок, но ќе им парира на четирите висококатници на „Лимак“ изградени дијагонално преку раскрсницата кај НИП-от. Веднаш до неа, ќе се залепи уште една висококатница од 40 метри, на приземје и десет ката.
Ваквата вест пристигна од вознемирени граѓани, кои случајно дознале дека постојните градби на овој простор ќе се уриваат и на нивно место, како што велат, ќе се крене „монструм од зградиште“. Според нив, веќе се иселуваат закупците што држат канцеларии или простори за друга намена во подрумските простори на Универзитетот. Од Општина Центар потврдуваат дека постојниот Детален урбанистички план навистина предвидува ваква изградба, но дека одобрение за градење сѐ уште не е издадено, па дека не знаат кој ќе биде инвеститор.
Според ДУП Буњаковец 1, ум1, ум2, ум3, ум4, ум5, ум6, ум8, ум9, ум10, ум11, ум12, ум13, ум14, ум15, ум18, ум19, ум20, ум21, ум22, ум23, за предметната градежна парцела планирано е дел од објектот да биде со висина П+10 и дел со П+25. За предметната градежна парцела не е издадено одобрение за градење, аналогно на тоа не е познато кој е инвеститор. Горецитираниот ДУП е донесен на 10.5.2012 година – објаснуваат од Општина Центар.
Според посочениот ДУП, изработен од Друштвото за планирање проектирање и инженеринг „Тајфа план“ од Скопје, станува збор за објекти со Б4 намена, односно за деловни објекти, а според јавно достапните информации од Агенцијата за катастар на недвижности, земјиштето со површина од околу 5000 метри квадратни е во приватна сопственост на фирмата „Евро принт“ ДОО од Скопје. Со фирмата-сопственик и покрај обидите не успеавме да стапиме во контакт и да добиеме одговори кога се планира изградбата и што ќе се случи со универзитетот. На Европски пак, велат, дека немаат таква информација.
Немаме таква информација дека ќе се урива факултетот. Сѐ е нормално, вообичаено, студентите си полагаат испити, си бранат дипломски, тврдат од Универзитетот.
За Деталните урбанистички планови донесени во Општина Центар во 2012 година, меѓу кои е и ДУП Буњаковец 1, беше прогласен мораториум во мандатот на поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ, со образложение дека при нивната изработка и донесување не се почитувани стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и дека на тој начин е оштетен јавниот интерес, но и дека плановите се спротивни со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Под мораториум беа дури 29 плана, а во меѓувреме ДУП-овите требаше да се ревидираат и да се отстранат неправилностите во нив. Но, Уставниот суд донесе одлука да се стопира мораториумот за градба во општина Центар, додека не се одлучи дали тој е уставна и законска категорија, со што сите тие повторно станаа важечки.
По многубројните реакции во јавноста во изминативе години за незапирливата градба во централното градско подрачје и на територијата на Карпош, особено по неуспешните обиди на граѓаните и граѓанските организации со протести да ја запрат изградбата на 27-катницата, која речиси цела година се гради зад поликлиниката „Букурешт“, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, предложи за овие две општини да се донесат специјални закони.
Во општините Центар и Карпош се случуваше и се случува урбанистички хаос. Стојам на располагање да донесеме специјални закони за двете општини на ист начин како што направивме за градот Охрид, да ставиме јасни критериуми по кои ќе се развиваат и да ставиме забрана за градење да речеме во следните 20 години. Но, тоа да не биде лабилен мораториум како што направи Општина Центар, па имаше мораториум за секаде освен за улица Козара и за Дајмонд. Не гледам дека некој во јавноста реагираше што се кренаа четири кули по 25 ката од страна на „Лимак“, но се реагира за многу други работи – рече неодамна Николоски на комисиска расправа околу измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање.
И двајцата градоначалници Стевчо Јакимовски и Горан Герасимовски јавно не се согласија со предлогот на Николоски само општините со кои тие раководат да бидат ставени под мораториум и посочија дека неопходно е да се отвори дебата за урбанистичкото планирање.