Порталот Фактор.мк ги измами своите читатели и го престави Александар Нацев како универзитетски професор, но тој е поранешен функционер на ВМРО ДПМНЕ против кој се води кривичен процес за проневера на 17 000 евра народни пари.
Во сторија со наслов ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ОБИДОТ НА ДИСКРЕДИТАЦИЈА ЗА КОВАЧЕВСКИ, се фрлаат отровни стрели кон премиерот од наводно универзитетски професор, очигледно е дека порталот Фактор.мк му помага на ВМРО ДПМНЕ да го оцрни премиерот.
Еве го текстот на Фактор.мк:
Посрамотувањето на политичките противници за избегнување служење воен рок, без оглед дали било оправдано или не, е позната тактика за дискридитација и фрлање сериозен сомнеж врз способноста на еден политичар да врши највисоки државни функции. Сепак, оваа пракса повеќе „пали“ во земји каде воената служба е задолжителна или пак, некаков престиж или традиција. Така на пример во поранешна Југославија тие што не служеле во ЈНА биле прогласувани за „неспособни“ бидејќи тоа било врвна чест и обврска кон државата.
Во Македонија веќе 20 години не е задолжителен воен рок, а нивото на политичка култура е далеку од ваквите слични скандали. На пример истото беше потенцирано и за екс американскиот претседател Џорџ Буш кој избегнал да служи во армијата, иако по окупацијата на Ирак триумфално „слета“ со борбен авион на носач на авиони со слоганот „Мисијата е исполнета“.
Според универзитетскиот професор Александар Нацев секој носител на јавна функција треба да има беспрекорно минато и да одговара на стандардите кои од него ги очекуваат гласачите.
Дали изземањето од служење војска треба да биде главен услов некој да врши политичка функција, особено што таква традиција никогаш не била воспоставена во Македонија, ниту од независноста, ниту за време на поранешна Југославија?
„Повлекувањето паралела помеѓу служење воен рок и извршувањето политичка функција е нелогично, затоа што се работи за две различни работи и не може да се условуваат една со друга. Но, од друга страна не треба да се занемари фактот дека и војничката обврска и политичката функција се извршуваат за заштитата и просперитетот на татковината, и дека секој од нас има морална обврска да даде се од себе за да и помогне на својата земја“, смета Нацев.
Колку „војничкото“ минато на политичарите е клучно за стекнување доверба кај гласачите. Кај нас одамна веќе е укинат задолжителниот воен рок, голем дел од денешните гласачи воопшто не служеле во војска, ниту се запознаени со војничките обврски, па зошто би им било важно дали нивните политичари служеле во војска?
„Не само војничкото минато, туку и целосното минато на едно лице кое има јавна политичка функција е под лупа на јавноста. Особено ако се работи за лица кои извршуваат највисоки политички функции, како што е случајот со нашиот актуелен премиер. Тој треба да даде објаснување зошто го избегнал служењето воен рок, кое во тој момент било задолжително, и дали тогаш лажел дека е неспособен за да не оди во војска, или навистина е трајно неспособен? Јавноста мора ова да го знае. Во однос на младите гласачи и нивниот став кон војската, мислам дека е коректно да споменеме дека во последните 20 години, можеби и повеќе, АРМ е институција која ужива најголема доверба во јавноста според сите истражувања, далеку пред полицијата, судството, медиумите и слично. А ова е истражување кое се прави во период во кој задолжителната служба во АРМ е укината, што дава заклучок дека јавноста (во која јавност несомнено спаѓаат и младите) се уште гледа позитивно на војската“, потенира Нацев.
Зошто се користи терминот „дезертер“ кога истиот се употребува за лица кои веќе се дел од воените сили, а ги напуштиле своите позиции или директно избегнале извршување на наредба?
„Ова е само семантичка игра на зборови, а во нашиот актуелен случај и ова што го нарекуваат премиерот „дезертер“ оди како некое олеснување на ситуацијата за него. Тој направил уште полош потег, не ни стигнал да биде дезертер, туку уште на почеток не ни станал дел од вооружените сили, туку „полесно му било да биде неспособен за служба“, заклучува Нацев.
Откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обелодени документот со кој актуелниот премиер Димитар Ковачевски избегнал да отслужи во АРМ, од Министерството за одбрана истакнаа дека ќе поведат истрага за откривање воена тајна и најавија кривични пријави за тие што го изнеле и за тие што го објавиле документот.
Еве кој е всушност Александар Нацев:
Кривична пријава против Александар Нацев за злоупотреба на 17.000 евра
Против поранешниот директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Александар Нацев, е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал го товари 35-годишниот Нацев за злоупотреби при јавните набавки.
„Пријавениот, како директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија, во периодот од 20.01.2015 до 03.08.2017 година, за свои лични потреби, а на штета на Буџетот на РСМ, злоупотребил буџетски средства во вкупен износ од 1.040.616 денари, додека со непочитување на законските одредби од Законот за јавни набавки и без спроведување на постапки за јавна набавка, на штета на Буџетот на РСМ, за трети лица овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари.
Пријавениот, без да донесе соодветни одлуки, акти и правилници за условите за користење на средства за репрезентација, за патни и дневни расходи, извршил набавки на стоки и услуги кои што не биле поврзани со работењето на Дирекцијата, во вкупен износ од 1.040.616 денари и ги искористил за свои лични потреби.
Исто така, пријавениот, во наведениот период, без да спроведе постапка за јавна набавка, со свесно намалување на набавките на износи до 500 евра без ДДВ на месечно ниво, со средства од буџетот на Дирекцијата извршил набавки на стоки и услуги од пет правни лица и со тоа им овозможил да се стекнат за имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари.
Со овие дејствија А.Н. нанел штета на Буџетот на РСМ во вкупен износ од 1.701.210 денари“, соопштија од МВР.