Во емисијата „360 степени,“ кандидатот за претседател Стево Пендаровски се осврна на моментот на новиот политички реализам содржан во неговата програма.„За жал Бугарија ни поставува услови кои ги нема во ниеден акт, во ниту еден критериум. Нели беше така со влезот во НАТО? Нели беше така со влезот во Обединетите нации? Повелбата на ООН вели дека има четири услови за да бидете членка нам ни направија плус услов и затоа бевме со времена референца. Кон крајот на 90тите со огромен меѓународен притисок е направен договор меѓу Романија и Унгарија, за статусот на двете малцинства во двете држави, за тие држави воопшто да можат да влезат во првиот и вториот бран во НАТО и ЕУ затоа што регионалната клаузула како критериум за влез во ЕУ е за првпат воведена во 1997 година. Таа клаузула вели дека не можеш да влезеш во ЕУ ако немаш соработка со првите соседи“ рече Пендаровски.
Тој истакна дека сега нашата држава е блокирана на патот кон ЕУ поради неносењето на уставните измени и сè додека тие не се донесат, Македонија мора да искористи што е можно повеќе од средствата што стојат на располагање преку Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан.
„Политичкиот реализам во овој момент значи дека ние сме блокирани, ние немаме уставни измени и сме блокирани. И затоа во таа заложба го спомнувам и планот за раст на Западен Балкан кој ЕК го одобри и има минимум шест милијарди евра во форма на грантови и ќе ги добиете само ако приложите издржани проекти и ние мора да се подготвиме за тоа. Што ако ние не може да го смениме уставот уште неколку години? Значи ние треба да искористиме максимум од овие пари кои ќе ги имаме на располагање а досега ги немаше. Дај боже да немаме потреба од новиот реализам, да го смениме Уставот час поскоро и да почнеме со втората конференција“ истакна Пендаровски.