Денеска, сите ние присутни тука сме горди на вашата мотивација и истрајност за успешно завршување на едногодишната обука, овде во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.Знаењата и вештините што сте ги стекнале изминатава година преку интензивна обука, верувам дека како идни полициски службеници ќе ги применувате доследно во организациските единици каде што ќе бидете распоредени. Министерството за внатрешни работи има потреба од млади и нови луѓе, и убеден сум дека сите вие, 508 идни полициски службеници, имате таква амбиција за професионален развој и напредок.
Ве охрабрувам да бидете чесни и посветени во спроведувањето на вашите должности кон граѓаните, да бидете горди на својата работа. Професионално да се справувате со новите предизвици на работа и да бидете подготвени за очекуваните одговори. За вашата професионалност и љубов кон професијата, да сведочат резултатите од секојдневната работа во секоја област на безбедноста.
Вие станувате дел од ресор кој работи исклучиво, и само во служба на граѓаните, и никако поинаку! За полицискиот службеник, секој граѓанин е подеднакво важен, независно од личните определби, уверувања, или какви било други различности.
Почитувани присутни,
Сега, дозволете уште еднаш да ви честитам и да ви посакам да бидете чесни и професионални, посветени и храбри, пример за секоја идна генерација.