Ангеловска-Бежоска посочува дека има позначајна разлика помеѓу инфлацијата кај нас и просечната инфлација во ЕУ и причините за тоа се неколкукратни. Прво, има голема разлика во степенот на отвореност и увозна зависност на европската економија и нашата економија, трговската отвореност кај нас изнесува 140% од БДП, а во ЕУ околу 70%. Колку е поголема увозната зависност толку економијата е поранлива на надворешни шокови. Особено висока е увозната зависност кај енергентите, но и ние трошиме повеќе енергија за производство на единица БДП од ЕУ.
Значаен фактор е и структурата на потрошувачката кошничка, имено, кај нас на храната и енергијата отпаѓа околу 50-тина проценти од потрошувачката кошничка, додека во ЕУ е само 30%, а шокот е токму во тие сегменти. Дополнително, значајна улога има и видот на мерките коишто се преземаат од страна на носителите на политиките, но и степенот на конкуренцијата во домашната економија. Меѓународните финансиски институции прогнозираат забавување на инфлацијата наредната година. Меѓународниот монетарен фонд очекува забавување на стапката на инфлација и за глобалната и за нашата економија.