Поранешниот кинески претседател Ху Џинтао денеска беше изнесен од салата, очигледно против негова волја, пред церемонијата на затворање на Конгресот на Комунистичката партија на Кина, јавија западни медиуми.
Тој необичен инцидент не беше објаснет или пренесен од кинеските државни медиуми, а се чини дека секое спомнување на поранешниот претседател е цензурирано на кинескиот интернет.
Ху Џинтао беше претседател на Кина од 2003 до 2013 година. Ху (79) изгледаше многу изнемоштено и беше повикан од персоналот да стане од своето место до претседателот Си Џинпинг во првиот ред во Палатата на народот во Пекинг каде се одржуваше конгресот.
Еден вработен се обиде да го фати за рака поранешниот претседател, но тој одби. Лицето потоа се обидело да го повлече да стане, но тој продолжил да се спротивставува.
Потоа очигледно се обидел да земе некои документи кои изгледале дека му припаѓаат на актуелниот претседател. Потоа имало разговор од околу една минута помеѓу вработениот и Ху Џинтао.
Ху Џинтао на крајот беше убеден да ја напушти салата, очигледно против негова волја. Држејќи го за рака, вработените го извадија од салата. За таа акција не е дадено официјално објаснување.