Фатмир Битиќи/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи реагираше на одлуката на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
-Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница. Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните, напиша Битиќи на Фејсбук.
Тој го повика Министерството за финансии и Комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените и додаде да им се компензираат средствата на граѓаните кои веќе платиле повисока цена.