Ги повикавме и другите институции, како премиерот и претседателот, да се вклучат и да помогнат некако во ситуацијата бидејќи неправедно сме доведени во состојба да застанеме, да блокираме и да правиме штета и хаос во сообраќајот на територија на Град Скопје. Не по наша вина, повторно повторувам, вели за „360 степени“ Кемал Муриќ, претставник на „Слобода превоз“Приватните превозници на „Слобода превоз, кои утрово ги паркираа своите автобуси и го блокираа сообраќајот на раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ попладнево по поминати повеќе од пет часа во протест поради неисплатените долгови од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, се во исчекување на некаков исход од седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје и седницата на Управниот одбор на ЈСП што ќе им даде некаква извесност за решавање на нивните барања.

Дел од возачите со кои разговараше „360 степени“ се во неизвесност и во исчекување на некаква позитивна вест, во спротивно велат дека остануваат на улиците, но не превезувајќи патници туку протестирајќи додека не им биде подмирен долгот.„Не знаеме што ќе се случи. Во исчекување сме. Ситуацијата ни е тешка“,вели возач на „Слобода превоз“.Според него и уште неколкумина негови колеги, парите што ги чекаат од Град Скопје во најголем дел се за да можат да ги исплатат нивните долгови што ги направиле инвестирајќи во набавка и сервисирање на автобусите.„Платата е друга работа. Јас не сум зел плата три месеци. Но осумдесет отсто од парите што ги чекаме се за да ги подмириме нашите долгови за гуми, за нафтени деривати, за осигурителните компании, за сите оние трошоци што сме ги направиле инвестирајќи во оваа работа од која вадиме леб“,велат тие.
Тие сè уште зборуваат со голем револт за минатонеделната изјава на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека не ги пријавувале средствата од наплатени билети.„Ние во приватните автобуси не продаваме билети. Во приватен автобус можеше да се возиш со картичките што ги издава ЈСП и се продаваат во нивните билетарници и со плаќање преку мобилен телефон. Поинаку не може. Тоа што го кажа градоначалничката е лага“,велат возачите.Во очај еден од нив вели дека ако не им се реши прашањето нема да можат да заработуваат за леб.„Што треба да правиме? Некое кривично дело и да завршиме во затвор, па државата да нè рани“,вели возач.Инаку, протестот пред „Мавровка“ се одвива мирно, без никакви инциденти. Полициски екипи се присутни на местото и, иако автобусите на на „Слобода превоз“ се паркирани на сите коловозни ленти од четирите страни, сепак, слободни се оставени приклучните ленти, за пред сè полесно да можат да поминуваат возилата на Итна помош. Денешниот протестот на приватните превозници вклучени во јавниот линиски превоз почна рано утринава. Тие ја блокираа крстосницата кај „Мавровка“, односно булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“, каде паркираа над 30 автобуси.