Отплатата на годишната рата за изградбата на автопатот Кичево – Охрид кон кинеската Ексим Банка пораснала на 33,7 милиони евра, покажува тукуштообјавениот годишен извештај на јавното претпријатие „Државни патишта“ за 2021. Оваа сума се добива за една година, бидејќи шестмесечниот ануитет кој се исплаќа за изградбата на автопатската делница на секоја половина година изнесува 16.834.832 евра за лани.
Ова е прв пат да биде евидентирана ваква радикална промена во цената на фамозниот автопат, ако се знае дека претходно секогаш полугодишната рата изнесуваше 9.962.521 евра, односно на годишно ниво беше 19,9 милиони евра. Тоа значи дека сега разликата, со наметнатото поскапување, која што ја плаќаме е 13,8 милиони евра на годишно ниво. За споредба, полугодишната рата за автопатот Миладиновци – Штип, чија изградба е исто така финансирана од Ексим Банка, останува непроменета и таа изнесува 7.123.321 евра. Во меѓувреме другите услови за автопатот Кичево – Охрид остануваат непроменети. Треба да се исплати до 21 јануари 2034. Грејс периодот без плаќање откако започна изградбата беше до 2019 година.
Во план на „Државни патишта“ лани било да се потрошат 50 милиони евра во текот на 2021 за изградбата на автопатот, но резултатот бил далеку под очекувањата – се инвестирале скромни 17,8 милиони евра, покажува извештајот. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски лани призна дека цената на автопатот Кичево-Охрид се зголемила за уште 200 милиони евра. Тој рече дека е надмината цената од 598 милиони евра која е заклучена во 2018 година. Министерот вели дека овој автопат е дел од Коридорот 8 и започнал да се гради од 2013-2014 година, но при самата изградба се појавиле голем број на проблеми.
– Се работи за обрушување на косини кои при проектирањето се проектирани со помалку или недоволно геомеханички испитувања. При тоа се покажува дека тој терен и тие косини се нестабилни при изградбата. Така што, во овој период се изврши репроектирање на 25% од целата оваа делница Кичево – Охрид, што значи дека косините се ублажија таму каде што е потребно, се испроектираа клучките. Имаме готов нов проект, обновен со ревизија кој што бара дополнителни средства за да конечно целиот овој проект биде реализиран – посочи Благој Бочварски.