Премиерот Ковачевски на средбата го информираше Мартин Шулц за предизвиците со кои се соочува Владата во делот на евроинтеграцискиот процес и изрази благодарност за силната поддршка од страна на Европската Унија за отпочнување на пристапните преговори и за најголемата придобивка за која се изборивме – целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет. На средбата беше разговарано и за актуелната економска и енергетска криза и нејзиното надминување, како и за политичката клима во земјава пред отпочнување на собраниската процедура за уставните измени.
Претседателот на фондацијата „Фридрих Еберт“, Мартин Шулц, го изрази своето силно уверување дека негувањето на социјалдемократските вредности и вложувањето во заштитата, почитта и сигурноста на граѓаните се сериозна инвестиција во демократска и просперитетна иднина. Тој ја истакна важноста од постоење на една силна социјалдемократска платформа во регионот која ќе го гарантира обединувањето околу вистинските демократски вредности. Премиерот Ковачевски се заблагодари за придонесот од „Фридрих Еберт“ фондацијата за европските интеграции, унапредувањето на политичкиот дијалог на Северна Македонија и изрази уверување дека со континуирана и посветена работа и носење храбри одлуки, ќе се обезбеди посигурна иднина.