Денеска под мотото „Вкуси го животот, вкуси ја традицијата“ пред езерцето во скопскиот Градски парк се одржа Првиот национален саем за храна и пијалаци.
На саемот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Оваа година поддржавме 50 различни манифестации и саеми дома, и 15 надвор од државата. Сите се со силен промотивен карактер, со што ги срушивме сите рекорди на поддршка за организација и промоција на нашите македонски производи, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Николовски посочи дека нашето македонско вино, сирење, млеко, мед, органски производи традиционални специјалитети, промоција на домашни автохтони сорти и раси, промоција на туризмот, биодиверзитетот како и манифестации се за зачувување на традиционалните вредности.
Токму оваа разноликост, локалните и семејни производи, малите семејни фарми, брендови, бизниси, оригиналните идеи и нови трендови беа мотив да сите ги собереме на едно место, на овој прекрасен саем “Вкусот на традицијата.”, нагласи Николовски.
Тој потенцираше дека визијата и целта е во 2023 година е да се креираат две нови програми за старт ап грантови не само за малите винарии, туку и за малите пивари, малите дестилерии но и за сите овие мали производители.
„Со овие мерки овозможуваме 10.000 евра неповратен грант за да го прошират производството, да продаваат од праг, да создаваат нови брендови.
Целта е да го покажеме нашето богатство и потенцијал за развој којшто го имаме под ова македонско сонце, во нашите полиња низ нашите пасишта. Малите производители може се мали по капацитет, но се големи по квалитет“, рече Николовски.
Николовски упати честитки до сите учесници на саемот и им порача да продолжат да ги произведуваат највкусните македонски производи и секогаш ќе имаат поддршка.