Истовремено тие треба да бидат свесни дека имаат одговорност за секој искажан збор и дека мора да се воздржат од секаков вид недолична и непримерна комуникација, се вели во реакцијата од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро го осудува недоличниот однос на директорот на топланата Скопје-Север, Куштрим Рамадани кон новинарката Катерина Додевска на порталот „МКД.мк“. Тие реагираа во свое соопштение:
„Упатувањето вулгарни навреди во ниту еден случај не смее да биде начин на комуникација на носителите на јавни функции, затоа што со самото прифаќање на позицијата нивната работа е предмет на надзор на јавноста и на потенцијално силна јавна критика преку медиумите. Истовремено тие треба да бидат свесни дека имаат одговорност за секој искажан збор и дека мора да се воздржат од секаков вид недолична и непримерна комуникација.
Попречувањето на работата на новинарите претставува загрозување на слободата и правото на информирање. Неопходно е на медиумските работници да им се овозможи професионално да си ги извршуваат своите обврски, пред сè, имајќи ја предвид нивната улога во отворањето прашања од јавен интерес и обезбедувањето транспарентност и одговорност на политичките и јавните органи“, реагираат од АВМУ.