Предалеку, престари, премалку: Европа останува без доктори! Ова е насловот на една статија која неодамна ја прочитав на угледниот Политико. Во Европа недостасуваат околу 2 милиони здравствени работници. Како здравствени работници се сметаат покрај лекарите и сестрите, лаборантите, болничарите и останатиот медицински персонал. Но сепак бројката од 2 милиони е застрашувачка. Официјалните бројки покажуваат дека само NHS во Англија има слободни работни места за над 10.000 лекари. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека има глобален недостиг од 4,3 милиони лекари, медицински сестри и други здравствени работници. До 2025 година, се предвидува дека побарувачката за лекари во Соединетите држави ќе ја надмине понудата за 90.000 лекари. Ако на Европа и недостасуваат лекари, ако Англија и Америка имаат потреба од стотици илјади лекари, тогаш јасно е дека многу македонски доктори ќе заминат од Македонија во наредниот период. Ова од причина што никогаш ние нема да можеме да ги платиме лекарите толку колку што ги плаќа Европа, исто како што Европа нема да може да ги плати своите лекари толку колку што тие се платени во Америка.
Затоа одлучив оваа колумна да ја посветам на еден одличен и стратешки многу важен проект кој го започнавме во последните месеци од мојот мандат како министер за здравство и кој од тие причини и не успеавме да го реализираме. Проектот потоа застана.
Нов медицински факултет Д-р Христо Татарчев. Ова беше една идеја на која напорно работевме во Министерството за здравство во втората половина на 2016 година. Идејата беше да биде поврзан со медицинскиот факултет на Универзитетот Сапиенца во Рим (наречен едноставно Сапиенца или Универзитетот во Рим). Сапиенца е еден од најголемите европски универзитети според бројот на уписи и еден од најстарите во светот, основан во 1303 година. Се сретнав со ректорот на универзитетот, му ја претставив идејата и на взаемно задоволство почнавме да работиме на реализација на овој исклучително значаен проект. За жал политичките настани во тој период и фактот што не составивме влада по изборите во декември 2016 година, го фрлија овој проект во заборав. Се обидов потоа во неколку наврати да ја поттикнам и следната влада да го продолжи овој проект, но за жал, не успеав.