Во емисијата „360 степени“ кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека државата мора конечно да почне со процесот на ветинг, но дека тој процес треба да го започне извршната власт.„Како претседател вие не може да предложите ветинг, но може да поддржите ветинг и тоа е точно. Знаете, многу е битно кој ќе биде идниот премиер затоа што од него би почнала таа иницијатива“ посочи Пендаровски.За тој процес да се одвива како што треба, Пендаровски смета дека ќе биде потребно да бидат опфатени и политичарите, а добредојдена ќе биде и помошта од странските партнери.
„Јас знам многу странски претставници кои велеа последнава година кога правосудството отиде близу до 0 со довербата, рекоа ние ќе ви помогнеме, ама мора да има формално барање. Идниот премиер на ниво на влада може да предложи предлог закон за таа работа и се разбира јас очекувам, ако тргнеме во тој процес независно кој е премиер во влада, ќе мора да има и странски членови таму, не да има извршни функции тоа не е можно, меѓутоа да бидат еден вид на мониторинг на процесот како што имаше во Албанија.
Така што, мораме да почнеме со тој процес. Зошто јас имам сомнеж или знак прашалник, особено кога станува збор за ветингот на нас политичарите. Јас не можам да сфатам да има ветинг само на судство и обвинителство, а да нема и на политичарите. Сепак мислам дека ќе треба притисок од надвор, да речат ова високо ниво на корупција може да го намалите само ако и политичарите бидат прво подложни на контрола на имотот“ истакна Пендаровски додавајќи дека проверката на имотот мора да биде детална и со проверки и во земјата и за средства надвор.