– Владата е во паника дека претстојното зголемување на платите предизвикано од порастот на минималната плата и актуелните барања за усогласување на платите и за повисоки плати, ќе ја разгори дополнително инфлацијата и се обидува преку административни непазарни мерки (замрзнување на цените) и со вршење репресија врз бизнисот да ја запре инфлацијата. Што е уште поиндикативно за однесувањето на владата е тоа што во светската економска историја досега не е забележан пример со инфлацијата да се бори преку истовремено зголемување на платите и замрзнување на цените – вели Славески.
Според него, спорно е оправдувањето на премиерот Димитар Ковачевски дека причина за ваквиот ценовен шок врз стандардот на граѓаните е војната во Украина.
– Зошто ваков удар врз стандардот на граѓаните немаше за време на војната од 2001 година која се одвиваше на наша територија или, пак, во 2007 и 2008 година во време на големата финансиска криза во светот? – прашува Славески.
Тој, како што вели, сака да види како владата ќе ги замрзне цените на земјоделските производи, а кои истовремено доаѓаат од домашно производство и од увоз и се продаваат во трговски објекти, на зелени пазари и на отворено.
Професорот Предраг Трпевски, пак, вели дека замрзнување на цените е една од мерките која ја користат владите за запирање на инфлацијата, а тоа го прави и нашата влада.
– Ова е позната антиинфлаторна мерка која ја преземаат владите зависно од состојбата и дава резултати заедно со мерките кои координирано ги преземаат монетарната и фискалната власт кои имаат цел да ја запрат инфлацијата – вели Трпевски.Владата почнувајќи од почетокот на месецов речиси секоја недела замрзнува цена на некој прехранбен производ. Прво на 28 февруари ја замрзна цената на белиот и на полубелиот леб на 33 денари, на 10 март ги замрзна цените на млекото, млечните производи и на тестенините, а на 21 март ја замрзна цената на оризот и на јајцата. За утре има најава за замрзнување на цената на производите за хигиена и уште една најава дека во текот на неделава ќе замрзнат и цените на некои земјоделски производи.