Шпекулација е дека овој познат трговец инсистира производите што ќе бидат на нивните рафтови да имаат повластена стапка од 3 отсто ДДВ, бидејќи тоа не соодветствува со нашиот даночен систем, брифираат високи владини извори за „Слободен печат“.Решен е проблемот со логистичкиот центар што беше еден од предусловите за влез на трговскиот синџир „Лидл“ во Македонија и тој ќе биде во Куманово, брифираат високи владини извори за „Слободен печат“. Сепак, на отворањето на нивните први супермаркети во земјава, ќе почекаме барем уште една година, тврдат истите извори. Ова е така бидејќи се бараат локации, односно чисто земјиште каде што ќе бидат изградени овие продавници. Нашите извори велат дека е чиста шпекулација дека овој познат трговец инсистира производите што ќе бидат на нивните рафтови да имаат повластена стапка од 3 отсто ДДВ, бидејќи тоа не соодветствува со нашиот даночен систем.
Германскиот трговски синџир ја регистрираше својата компанија во Македонија во 2021-та, а ќе биде управувана од бугарската филијала. Тој регистрираше подружница со паричен влог од 500.000 евра. „Лидл“ има повеќе од 100 продавници во Бугарија. Интернационалниот синџир веќе регрутираше кадри во Македонија и тие веќе подолг период посетуваат обуки во Софија и во Белград. Во зависност од позициите, се бараат најмалку 2 години искуство, добро познавање англиски јазик, а интензивно го учат и германскиот јазик.
Лани во ноември премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи имаа работна средба со претставниците на „Лидл“. Според тогашните информации на владината прес-служба, на средбата се разговарало за планираните инвестициски активности, развојот на оваа компанија во Македонија и поддршката од Владата и институциите за успешна реализација на овој проект. На средбата, премиерот Ковачевски изрази задоволство што „Лидл“ интензивно работи на подготовките за отпочнување ефективна работа во нашата земја и веќе има вработено 80 лица.
Вицепремиерот Битиќи, кој го координира процесот како едношалтерски систем за инвестиции, изрази задоволство од напредокот на инвестицијата и ја истакнал нејзината важност за развојот на локалните снабдувачи, кои се надеваат дека во „Лидл“ ќе имаат доверлив партнер.Во 2018 година, „Лидл“ почна со работа во Србија, истовремено отворајќи 16 продавници во 12 града. Со новите две продавници што ги отвори во 2020-та, „Лидл“ во Србија сега има над четириесетина објекти. Овој трговски синџир е присутен во Хрватска од 2006 година. „Лидл“ оперира во 30-ина земји во Европа, со околу 11.000 продавници, а присутен е и во САД. „Лидл“ секој ден опслужува по повеќе од 10 милиони купувачи.