Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија, Бојко Борисов, го осуди синоќешното исвиркување на бугарската химна на почетокот на фудбалскиот натпревар против македонската репрезентација синоќа во Скопје.
Соседите во Северна Македонија, вели експремиерот, не ги разбираат европските вредности.
„Почит за момците од бугарската фудбалска репрезентација! Вака се брани достоинството на нашата нација! Како Бугарин и љубител на фудбалот, категорично го осудувам сквернавењето на бугарската химна на почетокот на натпреварот Бугарија – Република Северна Македонија. За жал, со ваквите постапки нашите соседи од Република Северна Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности. Напред бугарски херои“ напиша Борисов на Фејсбук.
Утрово пристигна реакција и од нашето Министерство за надворешни работи (МНР) во која наведуваат дека го осудуваат говорот на омраза што можел да се забележи во текот на натпреварот.
„Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на обвие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла“, порача МНР во реакцијата.