На почетокот на август, Павел Филатјев се изјасни против конфликтот во сведочењето на 141 страница, објавено на неговиот профил на социјалната мрежа VKontakte, а потоа избегал од Русија.
Тој е првиот активен член на руската армија кој јавно ја критикува инвазијата на Украина и ја напуштил земјата.
Кога дошол во Париз, во знак на протест ги искинал документите на аеродромот.
„Ти живееш цел живот во Русија, а никој не се грижи за тебе. Човечкиот живот не вреди ништо. И оваа војна во Украина, нема да навлегувам во детали, нашите млади луѓе загинаа таму, а јас сè уште не знам зошто. “, рече Филатјев.
„Сега сум емотивно растргнат и бесен. Затоа што човек сака да направи нешто за својата татковина, ја сака својата земја. Од друга страна, имаме влада на која навистина не ѝ е грижа“, додаде тој.
„Ова се мои документи. Потврда дека сум ветеран, не ми е гајле. Мојата воена книшка, не ми е гајле. Мојот руски пасош, исто така не ми е грижа. Странски пасош. Гледаш, сето тоа е куп ѓубре“, рече Филатјев, ги искина документите и ги фрли во тоалет.
“Ја сакам Русија, ги сакам Русите. Но Путин не е Русија, нашата влада не е Русија. Путин – **и се !” додаде тој.
За потсетување, Филатјев за Си-Ен-Ен изјави дека неговите колеги војници се уморни, гладни и разочарани и дека воените напори на Русија уништуваат мирни животи.
„Сфативме дека сме вклучени во сериозен конфликт во кој само уништуваме градови, а всушност не ослободуваме никого. Многумина сфатија дека нема причина во која нашата влада се обидува да нѐ убеди. Тие сфатија дека сето тоа е лага. Уништуваме само мирни животи. Овој факт имаше огромно влијание врз нашиот морал. Ова чувство дека не правиме ништо добро“, изјавил неодамна 33-годишниот Филатјев за Си-Ен-Ен.
Филатјев вели дека корупцијата и репресијата се широко распространети во неговата татковина и дека неговата единица, која била со седиште во Крим и влегла во Херсон на почетокот на војната, била слабо опремена и не добила доволно објаснувања за инвазијата на Украина.
Според него, војниците и нивните команданти не знаеле што се очекува од нив во Украина. Тој додаде дека набрзо се разочарале од владиното резонирање за инвазијата, откако пристигнале во Херсон и се соочиле со отпор од локалното население, кое не сакало да биде „ослободено“.
Филатјев служел како падобранец во рускиот 56-ти полк за воздушен напад. Учествувал во нападите на украинскиот град Миколаев. Потоа поради повреда бил евакуиран од првата линија. Тој за Си-Ен-Ен изјавил дека на руската војска ѝ недостига основна опрема, како и беспилотни летала.
„Нашите касарни се стари 100 години и не можат да ги примат сите наши војници, нашето оружје е од времето на авганистанската војна“, рече Филатјев и додаде:
„Неколку дена откако го опколивме Херсон, многумина од нас немаа храна, вода или вреќи за спиење. Бидејќи беше многу студено ноќе, не ни можевме да спиеме, ќе најдевме ѓубре, некои ткаенини, само да се завиткаме и да се загрееме“.
„Сега кога сум надвор од таму и немам пиштол во раката, мислам дека ова е најлошата и најглупавата работа што можеше да ја направи нашата влада. Не знам каде не носи владата. Што е следен чекор? Нуклеарна војна? – се запраша Филатјев.
Филатјев побегнал од Русија откако дал неколку интервјуа за медиумите. Но, тој посочи дека Кремљ може да му се одмазди за неговиот јавен настап.
„Или ќе ме стават во затвор или само ќе ме притворат. Имаше многу такви случаи во минатото. Не гледам друг излез. Ако треба да се случи, ќе се случи“, заклучил Филатјев за Си-Ен-Ен.