Во времето кога излегол од дома, и кажал дека ќе оди да се прошета и ќе се врати за ручек, тој имаше 30 години. Откако не се вратил дома, мајката се обидела да го добие на телефон, но не одговарал на повиците. Во тој период беа актуелни полициските часови поради пандемијата со корона вирус, и кога започнал полицискиот час, а Илија не бил вратен дома, Снежана сфатила дека нешто се случува.
-Времето минува, не смееме да дозволиме случајот да падне во заборав од институциите. Нема ништо ново во врска со истрагата, детето ми го нема, а чекањето на вести и неизвесноста ни се одразија врз здравјето. Дома сите сме загрижени и не знаеме веќе каде да се обратиме. Се работи за возрасен човек, не е ова игла, па да се изгуби и да не може да се најде-раскажува мајката.
Илија бил финансиски независен, работел во градежништвото. Имал многу пријатели низ цела земја, но од моментот на неговото исчезнување никој немал контакт со него. Семејството замолува, доколку некој нешто знае во врска со случајот, да ја извести полицијата.