Настанот се одржa за прв пат на иницијатива на Бирото на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата, во соработка со Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Францускиот институт во Скопје.
Целта на одржувањето на овој настан во месецот посветен на Франкофонијата, преку дебатата на млади лица од средните училишта на актуелни теми на француски јазик, е за поголема промоција на францускиот јазик и култура и за неговата поголема застапеност во општествено-политичкиот живот во земјата.
На отворањето поздравни обраќања имаа: Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија; Н.Е. Сирил Бомгартнер, амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија; Абдула Салиу, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата и Лилиана Танги, претседателка на Групата за пријателство Франција – Северна Македонија во Националното собрание на Француската Република.
Претседателот Џафери ја потенцираше моќта на јазичната и културната соработка и комуникација и овој настан го окарактеризира како ставање на уште едно камче на тој мост на поврзување на народи и култури.
„Навикнати сме да слушаме, почитуваме и учиме многу јазици, а францускиот, како најстар јазик на дипломатијата, секако има свое заслужено место во нашето поле на интерес… Различните јазици и култури се дел од заедничкото светско богатство и наследство и сите ние имаме морална одговорност да ги негуваме и да ја развиваме соработката“, истакна Џафери.
Францускиот амбасадор Бомгартнер потенцираше дека франкофонијата е институционална и политичка реалност која се остварува низ целата наша земја, а францускиот јазик се изучува во 1/3 од училиштата. Франкофонијата значи вредности, човекови права, мир, надеж за подобро утре – истакна Бомгартнер.
Токму овие вредности на франкофонијата, како што рече шефот на Делегацијата, Салиу, Собранието ги негува и ги промовори францускиот јазик и култура. Тој додаде дека овој настан е добра можност да се слушнат размислувањата и потребите на младите кои треба да се вклучат во социо-политичкиот живот.
Претседателката на Групата за пријателство, Танги, доаѓајќи од Париз, ги охрабри средношколците на овој настан, затоа што токму овој млад франкофонски парламент ги подготвува за демократско општество. Таа порача да се слушнат младите и да останеме отворени кон нови и пошироки хоризонти.
Во продолжение се одржа првата седница на Младиот франкофонски парламент – Едукативна активност „Имам став!“, со која претседаваше Соња Стаменковска од Парламентарниот институт на Собранието.
Во дебатата учествуваа четири групи од средни училишта од Скопје, Неготино, Битола, Тетово, Гостивар и Куманово.
Младите франкофони имаа можност да дискутираат за: борбата со феноменот на лажни вести; прекумерната употреба на Интернетот и социјалните медиуми од страна на младите, начинот на исхрана и конзумирањето брза храна, како и за ДЕКЛАРАЦИЈА за унапредување на местото и улогата на францускиот јазик во образовниот систем и во јавниот простор на Република Северна Македонија.
21.3.2023