Освен за излегување од коалицијата со СДСМ, Ангелов информира дека раководството на Достоинство донело едногласна одлука за прифаќање на можноста за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ. Говорејќи во оваа насока, Ангелов вели дека се на добар пат за реализирање на некои од нивните барања за обесштетување на воени инвалиди и семејства на бранители од 2001 година, чија нереализација е причина за излегувањето од коалицијата со СДСМ
Лидерот на политичката партија Достоинство и актуелен директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, денеска соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.Причината за ваквата одлука, како што пишува Ангелов во објавата на својот фејсбук-профил, се неисполнетите барања и очекувања на неговата партија за обесштетување на десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители од конфликтот во 2001 година.
„Иницијативите на Достоинство поднесени до Владата и Собранието, со кои нудевме решение на овој апсурден проблем, добиваа постојана поддршка од страна на премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ истите не поминаа. Секако дека проблемот со необесштетените воени инвалиди и семејства на загинатите бранители не е единствената причина поради која излегуваме од коалицијата предводена од СДСМ, но поради политичка коректност во овој момент немам намера да навлегувам во понатамошни објаснувања“,
пишува, меѓу другото, Стојанче Ангелов во објавата на Фејсбук.
Лидерот на Достоинство додава и дека за ваквата одлука благовремено го известил врвот на СДСМ и се заблагодарил за досегашната политичка соработка и за неговото назначување на чело на ЦУК. Воедно, на генералниот секретар и на лидерот на СДСМ им предложил да понуди оставка од директорската позиција во Центарот за управување со кризи, но, како што вели, тоа не било прифатено од нивна страна, што значи дека останува на чело на ЦУК до формирањето на следната политичка влада.
Освен за излегување од коалицијата со СДСМ, Ангелов информира дека раководството на Достоинство минатата недела донело едногласна одлука за прифаќање на можноста за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ. Говорејќи во оваа насока, Ангелов вели дека се на добар пат за реализирање на некои од нивните барања.
„Во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ пратеничко место ниту баравме ниту ни беше понудено. Нашиот фокус како репрезент на македонските бранители од 2001 година не е освојување на пратеничко место, туку барање на решенија за проблемите на припадниците на безбедносните сили, учесници во одбраната на Македонија во 2001 година како и борба за нивните права. Од преговорите со ВМРО-ДПМНЕ како и од моите повеќекратни непосредни средби со лидерот Христијан Мицковски како и со пратеникот Ковачки, кој и самиот е бранител од 2001, слободно можам да кажам дека сме на добар пат да реализираме некои од нашите барања за што дополнително ќе ги известиме бранителите но и целокупната македонска јавност“,
додава Ангелов.
На крајот од фејсбук-објавата, Ангелов посочува оти партијата Достоинство, од своето формирање во 2007 г. па до денес, никогаш не менува страна туку, како што вели, останува на страната на македонските бранители од 2001 г.