Почитуван/а
Во текот на оваа кампања ве слушавме јасно и гласно. Свесни сме дека можеме и мораме да направиме повеќе и затоа никогаш нема да се откажеме од нашата визија за подобар живот на секој граѓанин и патот кон ЕУ.
По гласањето во првиот круг, во средата, добивме резултати на кои не се надевавме. Но, како што секогаш правевме, така и сега, ќе продолжиме да се бориме за секој глас и да зборуваме за вистинските прашања кои влијаат на секој граѓанин.
Еве ги фактите: ако резултатите и на 8. мај се слични како оние од средата, ја ризикуваме нашата европска иднина и пак ќе му дозволиме на стариот десничарски режим да се врати на власт за повторно да ја уништи нашата земја.
Не смееме повторно да си го дозволиме тоа. Само вие, со вашиот глас, можете да ја заштитите иднината на Македонија.
Додека 11 години не смееше да се зборува, имавме заробени институции, медиуми и загрозени човекови права, поделби и етнички тензии, денес живееме во слободна држава.
СДСМ создаде слободна, демократска држава, во која секој слободно може да го искаже своето мислење, без да шепоти и без да стравува и сето тоа да биде во интерес на прогресот на државата.
СДСМ и Владата којашто ја предводи, успеа да стави крај на насилството врз новинарите и да обезбеди слобода на медиумите.
Ние никогаш нема да се откажеме од нашата визија за подобар живот, никогаш нема да се откажеме од инвестициите и обезбедувањето на средства за реконструкција на училиштата, болниците и инфраструктурата, како и поголема посветеност за поефикасна борба против криминалот и корупцијата, но и да создадеме подобар животен стандард за сите граѓани во Македонија, со тоа што ќе го отвориме патот кон Европската Унија.
За да го постигнеме сето ова, јас лично ве замолувам да се приклучите и да гласате за СДСМ и Европската коалиција на 8. мај.
Заедно, можеме да ги одбраниме нашите европски вредности и да ја одбраниме нашата земја од разорните политики и желбата за изолација на десничарскиот режим.
Со почит,
Димитар Ковачевски