Премиерот Ковачевски на сесијата рече дека потребна е силна и тесна соработка на целиот регион посебно во делот на енергетиката. За постигнување на амбициозните цели за енергетска транзиција и за надминување на предизвиците кои ни ги наметна економската и енергетската криза, потребно е фокус на изнаоѓање алтернативи за стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија, но и насочување кон обновливи извори на енергија.Зелената агенда која ја спроведува Република Северна Македонија е важен двигател за земјата во контекст на енергетската криза во која се наоѓаме. Само во изминативе неколку месеци во Северна Македонија започна со работа најголемата досега фотоволтаична електрана, која произведува струја од домашни ресурси, од македонското сонце, а ги задоволува потребите на многу домаќинства. Од една страна, поедноставените процедури за поставување фотоволтаици овозможуваат посеопфатна и поширока нивна примена, додека пак сериозниот пристап кон инвестиции во областа на енергетиката со посебен фокус на обновливите извори на енергија од друга страна, овозможува интензивирање на енергетската трансформација на земјата, но и на регионот.