Струмица, 01.02.2023 година – Врз основаната потреба од постоење на единица за соодветен
третман на бездомни кучиња во Струмица и нејзината околина, како резултат на решителноста
на општинската администрација и градоначалникот на Општината, денес со работа започнува
современиот стационар “Лана“.
Основна цел на постоењето на Јавното претпријатие за заловување бездомни кучиња
“Стационар Лана – Струмица“ е хуман третман и благосостојба на бездомните кучиња со што
треба трајно и ефикасно да биде намален нивниот број. Програмата е заснована на методот
”залови – стерилизирај – вакцинирај – вдоми/врати”, која во синергија со методите за едукација,
регистрација и подигнување на јавната свест ќе овозможи намалување на бројот на бездомни
кучиња. На ваков начин се очекува намалување на ризикот од нарушување на јавното здравје
(болести, напади, каснувања) и намалување на загадувањето на животната средина во градот и
околината од овие причини.
Стационарот располага со вкупно 58 легла/боксови, каде, оперативно ќе работат: 2 ветеринарни
лекари, 3 ветеринарни техничари, 2 заловувачи (со меѓународен сертификат) и 3 одгледувачи (со
меѓународен сертификат). Процесот на иницијален третман на околу 500 бездомни кучиња од
градот и населените места на Општина Струмица започнува веднаш, а во текот на следните 2-3
месеци, во соработка со Факултетот по Ветеринарна медицина, Сектор за благосостојба и
Агенцијата за Храна и Ветеринарство е планирано броење на сите бездомни кучиња во Општината.
Со максимално хумано третирање на бездомните животни, програмата за работа на стационарот
вклучува: заловување на животните, транспорт до стационарот, прием и преглед од овластен
ветеринар, тест за социјализација, лабораториско испитување за одредени болести,
идентификација и водење евиденција (чип и ушна маркичка), овариохистеректомија
(стерилизација) и орхиектомија (кастрација), постоперативно сместување, лекување и нега,
како и соодветна вакцинација и дехелментизација. По овој процес, секое заловено куче ќе има
престој во стационарот до 30 дена – период во кој преку соодветен веб сервис ќе се поттикнува
нивно вдомувањето. Во случај кога нема да има интерес, нивното повторно враќање е на
локацијата од каде биле заловени. Заради заштита на јавното здравје, многу болните и
екстремно агресивните животни ќе бидат подложни на еутаназија, сé согласно законските
прописи.