Ако не се почитуваат овие правилата истакнати на таблите за Куќен ред на овие училишта, учениците не се пуштаат на настава, што е не само тешка дискриминација, туку и кршење на Законот за основно и средно образование, според кој образованието на децата е задолжително, под еднакви услови и без дискриминација. Со забраната за пристап на „несоодветните“ ученици, се крши и член 44 од Уставот.
Во претставките се најавува дека пријавените дискриминатори имаат усвоено Куќни редови и Кодекси за однесување и надворешен изглед на учениците, во кои се пропишува дека е забрането да се носат: големи нокти, пирсеви, маици на прерамки, хеланки, бермуди, шорцеви, кратки панталони, кратки маици, искинати фармерки, тренерки и кратки сукњи. Дополнително, овие правила пропишуваат дека дозволена должина на сукњите е само до колена или под колена, а панталоните мора да бидат исклучиво долги.
Воедно, овие правила пропишуваат дека секој ученик треба да внимава на својата фризура за време на наставата. Женските треба да имаат уредна и прибрана коса, машките не смеат да имаат долга коса, репче или брада.
Како мерка за непочитување овие училишта имаат предвидено казна – на учениците кои нема да изгледаат како описот на Куќниот ред и на Кодексот, нема да им биде дозволен пристап до училиштето, односно нема да бидат примени на настава.Во прилог на претставките, подносителите ги фотографирале и ги поднеле до Комисијата за антидискриминација плакатите со дискриминаторските правила, залепени на влезовите на овие три средни школи.
Тие на Комисијата ѝ одговориле дека со ваквите правила намерата била да се истакне дека при остварувањето на наставниот процес, освен за едукација на учениците, треба да се води грижа и за нивното воспитување. Сметаат дека препораките се неутрални и оти пропишаните правила не се дискриминаторски, не стимулираат родови стереотипи, туку напротив, правилата се прилагодени за родовите различности и идентитети.
Тие не смеат во иднина да носат подзаконски акти кои предизвикуваат дискриминација врз основа на род, родов идентитет, лично својство, имотна состојба или која било друга основа и кои не се во согласност со Уставот и законите на Република Северна Македонија.
Овие три средни училишта се поучени од Комисијата дека не смеат да се ставаат над законот. Упатени се дека член 57 од Законот за основно и средно образование прецизно ги уредува педагошките мерки поради повреда и неисполнување на обврските на ученикот, како и постапката за нивно изрекување.Комисијата ќе го следи извршувањето на препораките до овие три средни училишта, кои ако не постапат, ќе бидат пријавени во суд.