Пратеник од германскиот Бундестаг бил во земјава, а заедно со првиот човек на Германската комора Патрик Мартенс биле на разговор со нашиот министер за економија Крешник Бектеши, на кој една од главните теми била енергетската криза во земјава, и како таа се рефлектира врз работењето на германските инвеститори овде.
За оваа средба извести Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава.
„Минатата недела се сретнав со Феликс Шрајнер, пратеник во Бундестагот на ЦДУ, кој беше во официјална посета на Скопје. Остваривме средба со министерот за економија, Крешник Бектеши. Тема на средбата беше актуелната економска и енергетска криза во Северна Македонија. Се согласивме дека економскиот развој и просперитетот на земјата се особено важни за иднината на младите.
Германија е најважниот трговски партнер на Северна Македонија и затоа е важно економската соработка помеѓу двете земји и понатаму да се интензивира. Германските инвеститори во моментов ги прошируваат своите инвестиции во земјата и се надеваме дека соработката помеѓу двете земји и понатаму ќе јакне“, се вели во соопштението од Мартенс до медиумите.
А Германската комора во моментов прави анкета за германските инвеститори на земјава, обемот на нивните вложувања, но и за бројката на работните места што кај нив се отворени.
„Во моментов ја спроведуваме анкетата за бројот на германски инвеститори во земјата. Ги замолувам германските инвеститори да ја пополнат анкетата со цел стекнување попрецизна слика за точниот број на работни места кои ги обезбедуваат, како и за волуменот на германските инвестиции во земјата. Досега 15 компании имаат одговорено на оваа анкета. Овие податоци ќе ни бидат од помош при следните разговори со претставници на Владата, кога ќе има потреба да ги застапуваме Вашите интереси. Истите ќе се третираат со целосна доверба и при анализата, поединечните податоци за компаниите нема да бидат споделени со трети страни. Под овој линк може да ја пополните анкетата“, ги инфопрмира Мартенс германските компании што работат во земјава.