Приградското училиште „Милто Гура“ во село Црвивци, кичевско е изградено во 70-тите години од самите жители на селото и оттогаш таму се школувале многу генерации. Но, во последните години објектот почнал да пропаѓа и да пропушта вода.
Денеска е остварен долгогодишен сон на жителите на селото Црвивци – нивните деца го почнаа образовниот процес во целосно нов училиштен објект. На отворањето на училиштето присуствуваше и првиот човек на интегративците, Али Ахмети.
-Драги деца, една грижа поминува, 10 други се појавуваат. Го спомнавте Универзитетот во Тетово. Во 2002 година сите оние кои придонеле за негово отворање дојдоа да го одржат тој Универзитет во делот на собирање помош, затоа што беше Универзитет во чии темели имаше албанска крв. Уникатен случај во светот и ми велеа – Али Ахмети само официјализирај го Тетовскиот универзитет и ништо друго веќе немој да правиш. Јас бев свесен и денес сум свесен дека нашата работа e како со дупки – една се затвора, а се отвораат три други, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Изградбата на ова училиште чинеше околу 600 илјади евра, рече градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари. Како што вели, 300 илјади евра обезбедила Влада, а останатиот дел го покрила општината.
-За реализација на овој проект, покрај посветеноста на општинската администрација, жителите и вие ни давате поддршка за финансиската реализација на овој проект, не само морално, што најдобро знаете да го правите, туку и финансиски, каде од државниот буџет беа издвоени околу 300 илјади евра за реализација на овој проект, вреден 600 илјади евра, од кои дел потоа покри општина Кичево, вели градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари.
На денешниот настан не изостанаа ниту иселениците. Здружението „Црвивци“ во Швајцарија подели школски прибор и парични средства за сите ученици од училиштето. На пуштањето во функција на новиот објект не дојде ниту министерот за образование, Јетон Шаќири, а ниту пак неговиот заменик, Љуљзим Алиу, кој доаѓа од Кичево. Го прашавме заменикот-министер дали добил покана, но тој ни рече дека не бил поканет, а и дека никој не го известил за отворање на училиштето.