Данела Арсовска ги троши последните недели од првата година од мандатот како градоначалничка на Град Скопје.
Кога минатата година победи на локалните избори, Арсовска направи историско достигнување, впишувајќи се како прва жена градоначалник на Град Скопје.
Сепак, кратко време требаше за „успешната менаџерка“ која треба требаше да биде супститут за „арогантниот“ Шилегов, да ги покаже своите вистински карактерни особини.
Свои проекти нема, туѓи не сака
Арсовска изборите ги доби на ветувањата за нови автобуси, бесплатен превоз за сите и нови мега-паркови низ Скопје.
Денес, по 10 месеци во градоначалничкиот кабинет, многу малку од ова е остварено.
250 еколошки автобуси не се ниту на повидок, од бесплатниот превоз се уште никој не виде придобивка, а мега парковите се сведоа на неколку power point презентации.
Во меѓувреме, во почетна или напредна фаза Арсовска наследи неколку капитални проекти, кои речиси и да не се мрднати од место.
Таков е проектот за реконструкција на Универзална сала за кој Арсовска играше и се уште игра топло – ладно, те ја продолжува реконструкцијата, те вели дека проектот е небезбеден, а од реконструкцијата се уште нема ништо.
Слично е и со мостовите на улица Љубљанска и оној на булевар АСНОМ кои се „градат“ со невидено бавно темпо.
Средствата за реализација на сите овие проекти се веќе обезбедени од поранешниот градоначалник Шилегов, преку Владата и ТАВ програмата.
Можеби овие проекти одат со забавено темпо на реализација но затоа партизацијата на градот се oдвива „турбо“.
Покрај партиските вработувања, и рокадите на директорите на градските јавни претпријатија и установи остануваат единствените достигнувања на Арсовска за овие 10 месеци.
Арсовска и инаетот вреден 350.000 евра годишно
Меѓу првите проекти што Арсовска на невидно го одби и прекина беше оној за нов јавен превоз Бас рапид транзит, за чија реализација ЕБОР обезбеди 70 милиони евра.
Иако Арсовска во еден момент глумеше колебање околу неговата реализација, тој е дефинитвно отфрлен проект на штета на Градот, на граѓаните, но и на државниот буџет.
Парите за овој проект стојат недопрени, но државата како гарант на заемот, годишно плаќа 350.000 евра камати, што во време на криза кога секој денар е битен, се навистина многу пари.
Но Арсовска не избега само од БРТ проектот, менаџерката одби да менаџира со парното греење во Скопје, оставајќи го овој жежок костен во рацете на Владата, институција со која Арсовска баш и нема некоја разбирачка.
Заради инаетот на Арсовска Скопје остана без нов јавен превоз, скопјани за малку ќе останеа без парно, но градската администрација дефинитивно остана без принтери, враќајќи се во шеесететите години од минатиот век.
Молк наместо отчетност, партиски кокетирања наместо независност
Првата години од мнадатот на Арсовска минува во апсолутен молк на прашања поставени од новинарите и од јавноста.
Десетици важни теми минаа без став од Арсовска и Град Скопје, затоа што речиси постојано телефоните во бараките на Илинденска беа „глуви“ а меиловите остануваа „празни“.
Иако и пред и по изборите Арсовска се промовира како независен, натпартиски кадар, сепак нејзиното дејствуваање како градоначалник е на линија со политиките на ВМРО-ДПМНЕ, често кокетирајќи со коалициските партнери Левица, ГРОМ и АА.
Првата четвртина од мандатот „првата дама“ на Скопје ја минува во безидејност, его, арогантност, неработа и инаетџиско односевање, односно прави се и прави многу повече од она за што го обвинуваше поранешниот градоначалник за време на кампањата.
Дали и што ќе промени Арсовска во постапките, кога и дали воопшто ќе реализира некој крупен проект или се ќе се сведе на нивелирани шахти, останува да видиме.