Нашиот шеф Влатко Огненовски и неговата сопруга, Украинката Олга, се добро уиграни не само како брачен пар, туку и како тим, па додека тој спрема италијанска храна во неговата Таверна Тоскана, таа дома му готви украинска. „Не можам да се натпреварувам со маж ми во италијанска кујна, па се држам до тоа што го знам, боршч, вареники и полнети палачинки, вели Олга. Заедничко царство им е нивната Тоскана, онаа во Тафталиџе 1, која претстојниот викенд се сели привремено на скопскиот плоштад каде што е дел од деновите на италијанската кујна.
Во пресрет на второто издание на Фестивалот на италијанска храна во Скопје, ја посетивме „Таверна Тоскана“, ресторан кој е секако, дел од настанот, пред сѐ, заради сопственикот и шеф Влатко Огненовски, кој ја донесе тосканската кујна во градот, но и повеќе врвни италијански шефови како Дучо Лоренцини, Фабио Џануци кои низ годините готвеа во неговата „Тоскана“ во Тафталиџе 1.
„Многу сакам да го поддржувам овој настан и мило ми е што приказната продолжува и годинава бидејќи минатата година беше навистина убаво и привлече многу луѓе кои уживаа во автентичните вкусови на италијанската кујна, а годинава очекувам да биде уште поуспешно. Наспроти модифицираните италијански кујни надвор од границите на Италија, ние слободно можеме да кажеме дека благодарение на добавувачите кои ги носат сите оние автентични италијански производи кои во минатото недостасуваа и на нашите вештини, ние креираме автентична италијанска кујна во Скопје, буквално, имаме парче од Италија во нашиот град“, вели Влатко најавувајќи ги деновите на италијанска кујна со многу љубов и, како и секогаш, со голема страст и ентузијазам.
Како Vlatko Ognenovski стана шеф на кујна?
Влатко Огненовски стана шеф започнувајќи да им ги мие чиниите на големите шефови. Сосема случајно, додека бев студент по уметност во Фиренца, ми понудија работа да мијам чинии во врвен ресторан во срцето на Тоскана, во Сиена. Тоа е ресторанот Муголоне, кој постои уште од 1959 година. Таму открив еден посебен свет, светот на врвните вкусови и маѓепсан од првите контакти со италијанската кујна, го сменив курсот кон кулинарството. Во Муголоне се готви “а ла карт”, што значи едно месо се прави во едно тавче, за еден клиент. Сите тие тавчиња во брза ротација јас морав веднаш чисти да им ги вратам на готвачите. Тогаш си лизнував од сите тави и разоткривав интересни вкусови, вкусови што дотогаш ги немав вкусено. И скалило по скалило, од миење чинии ме префрлија на подготовки – на миење салати, подготовка на ладно цедено масло, односно им обезбедував се што им треба на готвачите и бев во нивна непосредна близина. Почнав тајно да ги гледам и да ги учам рецептите од двајцата најголеми готвачи, Лука Черетани и Дучо Лоренцини. Тоа е човекот од кого “се заразив” и станав готвач. Бев упорен, сликарството, скулптурите, мозаиците ми останаа недоисполнета желба, но врвната уметност ја пронајдов во кулинарството.
Патот од Сиена потоа ме однесе во Прага, Чешка, каде со двајца пријатели отворивме ресторан Таверна Тоскана. Таму се надоградував, освојував нови територии, нови култури, нови кујни. Кујната е тесно врзана со менталитетот на народот. Во секоја нација се наоѓа по едно врвно јадење, мора да има нешто што е типично за тој регион и што е воодушевувачки. По Чешка заминав во Австрија, па во Франција. Почнав да ги отворам хоризонтите, да ме привлекуваат подалечни места. Заминав за Њујорк, а потоа продолжив кон островите на Карипското море, Мексикански залив, Мартиник, Бермудските острови… и назад во Македонија. По сите овие искуства, решив во Скопје да создадам сопствен бренд и отворив ресторан Таверна Тоскана. Тогаш сфатив која е мојата определба во животот и така Влатко Огненовски стана шеф.