Денес и утре во Скопје, Здружението „Иницијатива за Економски Развој на Ромите – РЕДИ“ огранизира меѓународен Самит на кој ќе се дискутираат програмите за закрепнување и отпорност во неколку земји за да се дознае дали тие ги вклучуваат или ги изоставуваат ромските заедници. Второто издание на РЕДИ Самитот ќе ги здружи засегнатите страни, односно јавните институции, невладините организации, европските и меѓународните институции, социјалните иноватори и претприемачите, кои ќе дискутираат околу развојот на Ромите во Агендата за зелена и дигитална трансформација на Европската Унија.
Во овој контекст, РЕДИ Самитот е составен од панел-дискусии кои ќе ја создадат совршената средина за стекнување знаења и изнаоѓање нови и иновативни пристапи за промовирање на вклученоста на Ромите.
Ромските бизниси во Зелената Економија- Според агендата, РЕДИ Самитот ќе се одржува два дена, 22 и 23 ноември 2022 година, во хотел „Лимак“ во Скопје. Отворањето на РЕДИ Самит е предвидено за 22 ноември во 10 часот, со воведен панел кој ќе го отвори извршниот директор на РЕДИ, г-динот Петрика Дулгеру, придружен од г-динот Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата на Р. Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, нејзината екселенција г-а Ами Ларсон Јаин, амбасадорот на Шведска во Р. Северна Македонија, неговата екселенција г-динот Георг Вуцас, амбасадорот на Австрија во Р. Северна Македонија, како и г-динот Жељко Јовановиќ, директорот за ромските иницијативи при Фондацијата „Отворено општество“.
Во целодневната агенда предвидени се дискусии на три важни теми: собирање и транспорт на отпад во Северна Македонија: Социо-економската инклузија на неформалните собирачи во земјата, зелената агенда во Западен Балкан: Можност или закана за бизнисите и генерациското вработување во загрозените заедници, порастот на енергетските цени: Дали обновливата енергија е решение за загрозените потрошувачи? Во текот на денот ќе се потпишат и меморандуми за соработка помеѓу Здружението „РЕДИ“, претпријатието „РЕДИ Рециклажа“ и градоначалниците на четири скопски општини: Тимчо Муцунски, градоначалникот на Општина Аеродром, Бобан Стефковски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Дарко Костовски, градоначалникот на Општина Бутел и Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Кисела Вода. Првиот ден од РЕДИ Самитот ќе се затвори со изложба на услуги и производи од ромски претприемачи од Албанија, Србија и Северна Македонија.
|