Македонскиот премиер Димитар Ковачевски имаше средба во Белград со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Се согласија дека односите меѓу двете земји се најдобри во модерната историја.Вучиќ рече дека во Србија и во Северна Македонија постои силна политичка волја за натамошно зајакнување на соработката и предложи конкретни чекори на полето на трговијата, туризмот, културата и спортот.
Ковачевски истакна дека нема повеќе отворени прашања меѓу Србија и Северна Македонија и дека партнерството меѓу двете земји е пример за регионот.
Тој рече и дека трите документи, кои се потпишани за време на неговата посета на Белград, ќе дадат дополнителен поттик за зајакнување на соработката.
Вучиќ додаде дека Србија е решена да промовира позитивна агенда ориентирана кон иднината во односите во регионот, што може да се види преку нејзината активна улога во иницијативата Отворен Балкан.