Габриела Кулебанова / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески
Центарот е формиран на 15 јануари оваа година во рамките на Стопанската Комора на Северна Македонија како организација за поддршка на мали, микро и средни претпријатија.
– Во рамките на оваа Комора има значителен број компании од ваков тип и статус и по формирањето забележавме дека постои зголемена заинтересираност кај субјектите. Идејата за негово формирање е за поддршка на овој тип компании кои се присутни околу 99 отсто. Поддршката на овие компании значи намалување на сиромаштијата, зголемување на вработеноста, зголемување на иновативноста во производството. Според мене ова е вистинскиот пат за да дојде до зголемена економска и подобра активност. Самите компании располагаат со кадровски потенцијал, од една страна и формирањето на Центарот беше потреба тие да имаат место каде што ќе се обединуваат нивните заеднички интереси, искуства и потреби, од друга страна – истакна Габриела Кулебанова, претседателка на Центарот за мали, микро и средни претпријатија при Стопанската комора на Република Северна Македонија во утринската емисија „Слободен печат“.
Според Кулебанова, Стопанската комора на Северна Македонија го формираше Центарот за микро, мали и средни претпријатија, со цел поддршка и развој на економската активност за потребите на компаниите, чија улога ќе биде во интерес на оваа група правни субјекти да обезбеди сет на услуги и поддршка за нивно непречено функционирање. Истовремено се потребни стручни усовршувања на женската популација што е вклучена во бизнисот или има намера да се вклучи и сето тоа во услови на висок степен на присутна сива економија.
– Кога сме кај образованието на мисла ми се младите кои се клучот за развојот на економијата и тие треба да бидат задржани во земјата. Нивното иселување претставува голем проблем за државата. Има една дефиниција во врска со сивата економија што вели: „Нивото на сивата економија зависи од тоа колкава е довербата во институциите“. Не може веќе да одат до таму работите, бизнисот да плаќа, а да не гледаме бенефит ни во подобрување, ни во капитални инвестиции ни во екологијата. Меѓутоа, сивата економија сериозно го поткопува легалниот бизнис.